Дуодрамата „Гидионовиот јазол“ се поставува во Драмски театар

Вечерва во Драмски театар – Скопје е премиерата на претставата „Ифигенија за ништо“ а истовремено започнаа пробите за уште една нова премиера.

Во режија на Драгана Милошовска Попов се поставува текстот „Гидионовиот јазол“ од Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова Петровска а улогите ги толкуваат Биљана Драгиќевиќ Пројковска како Корин Фел и Ања Митиќ како Хедер Кларк.

Станува збор за дуодрама на американската писателка Џона Адамс, која отвора важни прашања за образованието и цензурата во училиштата. Мајката и наставничката се среќаваат во училницата, на претходно договорена информативна средба, три дена по трагичен настан. Во конкуренција на две силни женски фигури, тие ја префрлаат одговорноста една на друга, истовремено отворајќи го прашањето за универзалноста на болката и проблемите на растењето меѓу младите денес. Овој драмски текст, индиректно низ интензивен дијалог, плете приказна за животот на децата во современите околности, за влијанието на родителите, училиштето, социјалните мрежи и интернетот, за насилството од врсниците, за вината, болката, за детската креативност и цензурата на политичката коректност, за осаменоста на децата кои растат оставени сами на себе.