НУ Камерен Оркестар на Битола ја објави својата годишна програма за 2025 година, која вклучува разновидни музички проекти и истакнати гости од Македонија и странство. Годишната програма официјално започнува овој викенд со концертот „Засекогаш во срцата“, посветен на незаборавниот Тоше Проески и жртвите од неодамнешниот пожар во Кочани.
Програмата за оваа година вклучува вкупно 20 концерти, при што сите, освен концертот во чест на Тоше Проески, се фокусирани на класичната музика.
„Продолжуваме својата мисија и визија да ја промовираме културата на класичната музика не само во Пелагонискиот регион, туку и пошироко, поттикнувајќи културен раст и развој. И покрај финансиските предизвици, со оглед на тоа што Министерството за култура ни одобри финансирање само за четири проекти, ние ќе продолжиме со реализација на целосната програма користејќи сопствени средства и преку продажба на влезници по разумни цени.“ – велат од НУ Камерен оркестар на Битола.



