Дали е можно „Queen“ да го сними својот прв нов сингл по 30 години? Гитаристот Брајан Меј потврди дека постои реална можност рок бендот да издаде нов материјал.
„Мислам дека тоа може да се случи“, рече Меј во новото интервју за MOJO.
„И Роџер Тејлор и јас постојано пишуваме, смислуваме идеи и работиме во нашите студија. Во моментов би можел да го имам почетокот на нова песна на „Queen“ пред мене. Прашањето е дали идејата ќе созрее или не. Дали тоа семе ќе порасне?“.
Последниот албум на „Queen“, „Made in Heaven“, беше објавен во 1995 година по смртта на фронтменот Фреди Меркјури. Во 2022 година, бендот сподели повторно откриена песна, „Face It Alone“, во која се вокалите на Меркјури, иако неодамна немаат издадено ниту една нова песна.
Минатата година, Тејлор излезе со слична изјава.
„Мислам дека би можеле да снимаме и објавиме нов материјал. Брајан и јас разговаравме пред некој ден и двајцата рековме, ако имаме добар материјал, зошто да не? Сè уште можеме да свириме. Сè уште можеме да пееме. Затоа не гледам зошто не треба да го правиме тоа – рече Тејлор. .
Во 2004 година, групата почна повторно да настапува во живо со Пол Роџерс како главен вокал. Во 2011 година, Адам Ламберт ја презеде улогата. Последната турнеја на бендот, „Rhapsody Tour“, се одржа во 2023 и 2024 година. Меј претходно изјави дека Ламберт „експериментирал“ со музичари во студиото. „Тоа би требало да биде нешто толку посебно што би сакале да го претставиме на јавноста“, истакна тој.
Ламберт додаде: „Тоа е голем притисок кога размислувате за тоа. Ако тие ќе објават нешто ново, тоа мора да биде на одредено ниво. Тоа мора да биде вистинската работа. Секогаш се прашував себеси: Дали е соодветно за мене да правам нов материјал?”.