CODE 369 го претставува дуетот „Конкретно“ со Мила Влаисављевиќ

Македонскиот бенд CODE 369, кој создава на хрватски јазик под покровителство на Кроација рекордс, го претставува новиот сингл „Конкретно“ во соработка со пејачката Мила Влаисављевиќ. Песната обединува два силни женски вокали, проткаени со мелодии кои повикуваат на танцување и забава. Текстот на песната се однесува на денешните односи и недостатокот на конкретност.

Автори на песната се Мила Влаисављевиќ, одговорна за текстот, Даниел Митревски, член на CODE 369, кој беше задолжен за музиката и аранжманот. Музичкото видео содржи динамични танцови снимки и енергична атмосфера, надополнувајќи ја пораката на песната. Ритмичката продукција и богатата инструментализација обезбедуваат свежина и разиграност, што го прави „Конкретно“ заразен сингл.

Бендот CODE 369 е создаден како продолжение на музичките активности на членовите на „Pumpers“, Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски. Нивната музика носи уникатна комбинација на алтернативен и комерцијален рок и поп, додека ја одржува свежината, авангардниот дух и уметничката слобода. Нивните стихови често ги одразуваат универзалните човечки вредности, љубовта како движечка сила и личниот раст и потрагата по најдобрата верзија на себеси.