Во Прилеп промоција на „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски

Под мотото „Совреме муабети за современ театар “ на 15 јануари 2025 /среда / од 18.00 часот во фоајето од НУЦК „Марко Цепенков“, ќе се одржи промоција на книгата „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски, во која се објавени и осврти за претстави од театарот „Војдан Чернодрински“. Промоцијата ќе ја модерира Оливера Андоноска. Промотор ќе биде Габриела Стојаноска Станоеска. Дизајн на насловна фотографија: Civette Production

„Современи театарски осврти“ е иницијална збирка аналитички профилирани размисли
на Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки
искуства на театарски претстави низ македонските театри. Оваа книга, со суфикс „1“,
едновремено е најава и за втор дел од овие анализи кои умешно балансираат по работ на
личниот есеистички израз и дискурзивниот пристап кон анализираната проблематика.
Солидно исполнувајќи ги формалните естетски, стилистички и јазични филтри, ова четиво
нуди удобност да се фокусираме на суштината и содржината на истото. Истовремено, со
дистанцата од личните ставови преку обраќањето во граматичко трето лице множина,
авторот се позиционира од страната на пошироката публика, а не како осамен и ригиден
критичар. Со тоа, недвосмислено поканува на отворена, аргументирана и пријателска
дебата за истите меѓу сите на кои театарот и драмската уметност им се од посебно и
суштинско значење. Во време кога релевантната критика во доменот на литературата,
уметноста и културата, генерално, во Македонија е целосно отсутна и непостоечка (ако
некогаш и воопшто сме ја имале – покојниот академик Милан Ѓурчинов во едно негово
обраќање во МАНУ беше категоричен уште во првата реченица: „Во Македонија не постои
критика“), ова дело можеме да го поздравиме како благородна претходница за сите слични
публикации, муабети и споделени искуства од кои ќе излеземе духовно и естетски побогати.“ – вели Александар Еленин за книгата на Димоски.