Балетската претстава „Кармина Бурана“ се изведе синоќа во Центарот за култура – Битола во рамки на Деновите на македонски балет и гостувањето на Националната опера и балет во Битола.
Играа балетските солисти: Марија Кичевска Шокаровска, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Франциско Хименез Руиз (Шпанија) и Балаж Лочеи (Унгарија).

„Кармина Бурана“ наједноставно кажано, е вечното актуелно прашање на животната радост, слободата и страста за која пееат уште патувачките студенти и клериците. Истоимениот ракопис од 13 век пронајден 1803 г. во баварскиот манастир Бенедиктбевер беше Орфова инспирација: конечно дваесетина текстови стануваат и конкретен текстуален предлог за ова музичко остварување. Композиторот ни овде не смета на потполно, логично разбирање, на различните јазици: барајќи ги корените на врската што постојат помеѓу митот, музиката и јазикот, разбирањето го нуди во спрега на сите елементи и неизбежното физичко движење – ритамот. „Што е појасна и поедноставна пораката- уште посилен е и подиректен крајниот ефект“. Тој водечки принцип на Орфовото уметничко уверување, силината на неговиот звук и ритамот, произлегуваат уште од експерименталната Гинтерова школа за гимнастика, музика и игра чии што соосновач бил и Орф во Минхен 1924г. Светот на „Кармина Бурана“ е саканиот свет што го остваруваат најспремните. Таму каде што Фортуната- Среќата владее со светот, а сонцето и богот на љубовта имаат власт над сите, трае силна , незапирлива радост. Орфовата музика и неговата визија за театарската волшебност стануваат дел од екстазата на стариот грчки театар: низ неа се обновуваат мистериите, ритуалните свечености, латинската комедија но и фолклорниот театар од тоа поднебје. Кармина Бурана веќе со години го привлекува вниманието на режисери и кореографи од целиот свет поради привлечноста на синкретизмот кој зрачи како неисцрпен извор на можности за нови идеи и инспирации.

