Во свет каде што светлата на дигиталните екрани ги заменуваат оние на театарските сцени, а апатијата станува новата норма, нашето секојдневие наликува на претстава во која повеќето сме само гледачи. Ова е токму инспирацијата за новата театарска продукција „The Human Voice“ во режија на Јован Ристовски, која на драматичен начин го разгледува современиот проблем на пасивноста и недејствувањето.

Поаѓајќи од мислата дека РЕВОЛУЦИЈАТА Е МРТВА, претставата ги спојува темите на уништеното образование, лошото здравство, борбата за успех и деградацијата на вредностите. На сцената, актерите оживуваат слики од секојдневието: училници каде што знаењето е заменето со празни зборови, болници каде што здравјето станува привилегија, и млади уметници кои сонуваат, но чиј глас се дави во лавината на рамнодушност. Публиката станува сведок на трагични, но реални приказни – животни битки каде што главниот непријател не е сиромаштијата или болеста, туку општествената инерција. Клучната порака на претставата е јасна: гледањето без преземање акција е исто како тивко одобрување на неправдата. Таа поттикнува длабока интроспекција, повикувајќи ги гледачите да престанат да бидат пасивни и да преземат улога на учесници, на творци на промените. Уметноста е, на крајот, огледало на општеството – и оваа претстава го рефлектира токму тоа. Со комбинирање на моќната симболика, силните монолози и интерактивни сцени кои го рушат четвртиот ѕид, „The Human Voice“се обидува да предизвика катарза кај публиката. Таа е повик за будење – повик да се вратиме на сцената на животот не како пасивни гледачи, туку како активни актери.

Премиерата на претставата се одржa на 20 ноември во НУ Центар за Култура Битола и истата беше распродадена! Следни изведби се најавуваат за во декември.

„The Human Voice“ e од група автори, во режија на Јован Ристовски. Играат: Катерина Аневска – Дранговска и Валентин Дамчевски. Дизајнот на плакатот е на Валентин Дамчевски. Проектот е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија.
