Народниот театар – Битола месецов прослави осумдесет години од првата претстава на македонски јазик, „Ѓоре Магаревски“. По повод големиот јубилеј, Култура24 разговараше со режисерот Љупчо Ѓоргиевски, кој целиот свој професионален век го помина во битолскиот театар како режисер а еден период и како негов директор. Ѓоргиевски кај публиката остана запаметен по своите претстави: „Бегалка“, „Ромео и Јулија“, „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Македонска крвава свадба“, „Парите се отепувачка“ и уште многу други кои ги полнеа театарските сали во Битола, цела Македонија и надвор од неа. Визуелно богатите претстави се негов заштитен знак а неговата режисерска работа е многу пати наградувана. За режисерските и театарски почетоци, работата како режисер и директор, состојбите во театарот тогаш и денес и многу повеќе ќе прочитате во редовите подолу.
Кажете ни за Вашите театарски и режисерски почетоци?
Почетоците ми беа во основно училиште, од како знам за себе бев во драмска секција и бев дежурен за сите настани, приредби и прослави на училиштето. Почетоците во театар ми беа како глумец-статист во младинската сцена. Во таа генерација беа и Петар Мирчевски, Митко С. Апостоловски и Ѓорги Тодоровски – Трупче. Некаде во 1970/71 година правевме претстави како глумци-аматери во младинската сцена која ја водеше актерот Владимир Гравчевски. Што се однесува до режисерските почетоци, моја прва претстава беше во 1985 година исто така на младинската сцена. Се викаше „Собир на птици“ од средновековниот персиски поет Фарид Удин Атар, за таа претстава имавме и награда на републичките смотри. Следната 1986 година ја направив „Полицајци“ од Мрожек по што заминав на Драмски факултет во Скопје. Бев во класата на Љубиша Георгиевски, и тоа беше прв пат скопската академија да прими група на режисери. Прва професионална режија, иако тогаш бев трета година на факултет ми беше во Битолскиот театар каде ја направив претставата „На трите вечери“ по текст на Маја Стефановиќ. Таа беше во истата генерација само во класата на драматурзи. Тогаш класата на драматурзи ја водеше Горан Стефановски и тој даваше задача на класата драматурзи да напишат по една пиеса која ќе ја режира студент на режија а која се работеше во соработка со театрите. Јас како битолчанец добив да режирам во битолскиот театар. Тоа беше добар модел за младите драматурзи и режисери да стапнат во професионалните театри, така се почна, и од 1989 година досега си останав во театар. Во 1990 година дипломирав, со дипломската претстава „Шест ликови го бараат авторот“ која имаше премиера на „Охридско лето“. Тоа беше голем залак за мене, од клупи веднаш со премиера на „Охридско лето“.
Споменавте дека во Југославија имаше добар модел како младите театарски кадри да работат. Дали денес е потешко за младите режисери, актери и драматурзи?
Кога ќе се направи споредба тогаш и сега, можностите за младите режисери, актери и драматурзи беа далеку подобри. Театрите водеа сметка за ова и ги прибираа режисерите и актерите уште пред да завршат. Но и државата водеше сметка со бројот на примени кандидати и критериумите кои беа високи. Јас со години се обидував да влезам на академија во Белград, но таму примаа малку во однос на 20 милиони народ. Во Загреб се бараше еден претходен факултет, во Љубљана примаа само тројца, а во Нови Сад тогаш влезе Владо Цветановски со кој заедно бевме на приемен испит. И тоа беа можностите да се запише режија. Јас веднаш по дипломирањето се вработив. Сега многу тешко младите режисери влегуваат во театрите да режираат а им врват годините. И во оваа како и кај секоја професија работењето е вежба. Како кај фудбалерите, ако престанат да вежбаат губат. Така и во оваа професија.

Дипломиравте прво психологија. Колку тоа Ви помагаше во режисерската работа? И имајќи во предвид дека Ви беше втор факултет дали сметате дека за запишување режија можеби е потребна возраст и некаква животна и емоционална зрелост?
Јас психологија завршив како алтернатива во меѓувреме, бидејќи во поранешна Југославија не можев да влезам на академија. Сигурно дека помага, не во смисла на она што таму го научив и полагав на испит туку едноставно се менува начинот и ракурсот на гледање на работите. Тоа помага од почетокот, односно од поделба на улогите а потоа и во целиот процес. Затоа што работиме со живи луѓе во процесот а понатаму помага и во пристапот на анализа на ликовите. Јас се запишав доста доцна, после првиот факултет во еден период почнав и да работам. Различни се мислењата за тоа, има академии кои тоа го имаат како услов за да се јавиш на приемен испит на режија и треба да имаш завршено еден факултет. Претпоставуваат дека тоа треба да носи извесна зрелост како знаење и поткованост но и како животна зрелост. И според моето искуство, за режија треба одредена зрелост пред да се почне со оваа работа. И други режисери кои ги познам имаат претходен факултет од областа на општествени науки како книжевност и психологија.
Повеќето Ваши претстави имаа голема и богата сценографија, колку внимание му посветувате на тој аспект и на сите тие визуелни делови надвор од актерската игра?

Визуелниот аспект на претставата е многу важен. Просторот е на некој начин актер и многу е важно како ќе соодветствува со претставата. Второ е тоа со кого и како се работи сценографија, сум имал претстави со оскудна сценографија од финансиски причини но и просторни причини. Најголемиот број претстави ги работев со Валентин Светозарев, со него долго се познаваме приватно и театарски. И неговиот е израз е по имагинативен со крупни потези и мислам дека тоа многу придонесе за нашиот заеднички развој а и за самите претстави. „Македонска крвава свадба“ три дена ја местевме бидејќи не ја собираше на сцената. Тогаш се посветуваше внимание и кога ги правевме детските претстави „Хајди“ и „Том Соер“ беше така. „Хајди“ беше сликана со планините и куќичката на два спрата, кога ќе ја креневме завесата и кога ќе се видеше како Хајди спие на сено се слушаа само воздишки од децата. За „Том Соер“ направивме плоштад со куќи на два спрата. Таа сценографија после ја собираше само во струмички театар и им ја дадовме нив да ја играат. Тогаш можностите беа други, сето тоа чини финансиски без разлика дали е детска претстава или за возрасни. Во детските претстави се вложуваше многу, и во сценографија и во актери, немаше слободни актери иако играше цел ансамбл па суфлерите и сценските работници влегуваа како статисти.
Во еден период бевте директор на театарот, колку позицијата беше предизвик имајќи ја во предвид разликата меѓу уметничка и менаџерска работа?

Јас бев директор од 2002 до 2006 година. Тогашниот директор Благој Стефановски стана министер за култура и требаше некој да ја продолжи работата. Јас на некој начин бев во театарот веќе со години и како режисер бев човекот кој работи со сите сегменти, од актери до сценски работници. И можеби заради тоа, тој да одлучи да ме остави мене бидејќи на некој начин комуницирав со сите сектори во театарот. Не знаев многу од административниот дел. На директорувањето гледам како еден период во кој помогнав театарот да продолжи со она што се имаше почнато, а не дека јас имав многу мерак по таа менаџерска работа. Тоа бараше многу време и пожртвуваност бидејќи имавме голема продукција. Тие четири години се правеа од пет до осум претстави, беа помалку актери а игравме над 200 претстави годишно и имавме многу гостувања што беше многу интензивно. Од режисерски аспект можам да речам дека тоа негативно се одрази. 2000 година победивме на „Војдан Чернодрински“ со „Македонска крвава свадба“ а во 2002 со „Парите се отепувачка“. Јас на некој начин бев тогаш во подем и на самиот врв на режисерската кариера, правевме големи претстави тука и секоја втора година победувавме. Во тој период во битолски театар изрежирав само една претстава „Хасанагиница“ и тоа затоа што еден странски режисер откажа. Имаше уште неколку претстави во другите театри кои се бројат на една рака: „Лет во место“ во Драмски театар, „Едип“ во Турски театар и „Буре барут“ во Казањ. Тие четири години мојот режисерски развој стагнираше а да не зборувам за другите последици. После тоа политиката влезе на голема врата во театарот па мојата директорска промена заврши со отказ. Што значи, ќар од директорувањето немам никаков.
Селектор сте на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и имате можност да гледате многу претстави. Каква е македонската театарска продукција во моментов?
Точен е фактот дека финансискиот дел игра голема улога и веројатно заради тоа се зголеми продукцијата на камерни претстави. Јас се судирам со истото кога селектирам за програмата на фестивалот „Ристо Шишков“. Правењето камерна претстава треба да биде избор на режисерот а не бегство од финансиската немоќ. Во главно, сега е бегство или прибежиште од финансиските проблеми. Овие буџети сега се премали, кога јас бев директор пред дваесет години беа поголеми, што значи финансиски отидовме назад. Со тие пари што се добиваат, со судни маки се прави сценографија, костими и само се снаоѓаме со се. Јас ги сакам камерните претстави затоа што тогаш доминира актерот, а актерот е алфа и омега во театарот. Тој е живата материја која го создава театарот кога се игра пред публика и тоа е посебно уживање.
Режиравте неодамна во Струмица, а претходно и во повеќето театри низ земјава и неколку во странство. Колку се разликуваат ансамблите и со тоа процесите? Имате ли омилен ансамбал со кој уживате да работите и колку преферирате да работите со исти глумци во театрите?

Што се однесува до некој ансамбл кај што се чувствувам најкомотен, тоа е битолскиот театар бидејќи тука сум времиња без разлика дали правам претстава или не, јас го пратам ансамблот во другите претстави но и приватно се дружиме. Воглавно одам без предрасуди во еден театар и се обидувам да ги избришам предрасудите. Кај секој ансамбл има одреден потенцијал и она што до тогаш го знаеме за тој ансамбл како уметнички и технички капацитет. Има разлика помеѓу овие капацитети и потенцијали особено кај помалите театри. Во однос на актерскиот потенцијал се обидувам да влезам без предрасуди и да тргнам од нула. Секој актер носи извесно богатство од кога се определува за таа работа. И кога работам со нив се обидувам да го извлечам она најдоброто, дури и она што не се свесни или не го покажале дека го носат и имаат. Во многу помали театри како во Штип, Струмица, Охрид итн. Имам воспоставено еден благороден однос и ги чувствувам нив како свои и тие мене исто. Така успеваме да направиме нешто, и тоа да биде возбудливо и како процес на работа и како резултат. Често земам млади луѓе и сакам со нив да работам, но во последните години се помалку се има можност, бидеќи буџетот е никаков а треба да се одвојат пари за подготовка на претстава и да се најдат пари да се платат тие глумци за изведби или патување во друг град. И пак доаѓаме до тоа дека финансиите играат пресудна улога и тука.
Вашите деца се насочија исто така на уметничка и креативна работа. Колку сметате дека Вие имавте влијание на тоа и како Вие ги советувавте и советувате за кариерата?
Влијанието е веројатно неизбежно. Не сум ги труел дома со театар. Единствено што гледаа дека сум отсутен од дома или тоа дека и кога сум дома сум отстутен. Тоа е бидејќи нашата работа е начин на живеење. Да се работи во театар е начин на живеење ќа не професија. Јас така и ја сфаќам режијата. Веројатно тој начин на живеење има рефлексии дома но нивното присуство во театар беше воглавно на премиери. Андреј беше задоен од театар но избра моден дизајн. Тој се сеќава на се, дури кога сум го носел на две години на Дедо Мраз. Можеби тоа остави некаква емоцинална трага тогаш. И кога си бираше професија доста разговаравме бидејќи беше збунет. Мојот совет беше само да го прави тоа што сака да го прави најмногу. А тоа беше да гледа модни ревии и ги следи сите модни креатори. Тој си го избра тоа и подоцна со текот на работата бидејќи беше задоен со театар започна да се занимава со театар. Другиот син заврши камера на ФДУ, кај него беше без никакво влијание. Тој кога заврши осмо одделение и го прашувавме што сакаш да ти купиме, побара апарат и ние му купивме. Ќерката понекогаш пројавуваше желба да ја земам во некоја претстава, но не ја зедов и ѝ велев прво да оди во драмска секција во гимназија па да го видам нејзиниот афинитет. Но таа можеби испадна најпаметна па избра економија. Сепак би рекол дека веројатно влијаев, но не ги насочував и сакав од нив да произлезе. И така беше.
