Воја Брајовиќ повторно како Тихи во преработката на музиката од „Отписани“

Биг бендот на Рaдио Телевизија Србија (РТС) сними нова верзија на музичката тема од серијата „Отписани“. За потребите на снимањето на спотот, актерот Воја Брајовиќ повторно влезе во ликот на белградскиот илегалец Тихи.

Траката компонирана од Миливое Миќа Марковиќ во далечната 1972 година доби нов аранжман. Биг бендот на Радио-телевизијата на Србија, со кој раководеше Миќа Марковиќ, сними спот за музичка тема која стана „химна на урбан Белград“.

Култната југословенска серија „Отписани“ е создадена според истоимената книга на Драган Марковиќ пред половина век, а неодамна ја доби и својата дигитална верзија. Низ 13 возбудливи епизоди ги проследивме искуствата на група млади илегалци во окупираниот Белград за време на Втората светска војна.

Облечени во оригинални костими од „Отписани“, музичарите снимија видео на автентични локации каде серијата е создадена во Белград пред половина век.

Веќе во првите кадри од спотот се појавува легендарниот Воја Брајовиќ во улогата поради која стана сакан ширум поранешна Југославија. Режисер на спотот е Саша Габриќ.