После 6 години пауза, српската музичка ѕвезда Марија Шерифовиќ ќе одржи свој голем солистички концерт во Скопје. Таа денеска во Скопје на средба со новинарите го најави концертот и сподели детали за она што публиката ја очекува во сабота.
„На концерт во Скопје, последен пат настапив пред шест години, во 2018 година, но многу добро се сеќавам на тој ден, знам точно и како бев облечена. Тој ден воопшто не ми се пееше, бев многу нервозна, што се вели не ми се живееше. Но, кога излегов на сцената, кога ја видов и слушнав публиката и со каков жар ме пречекува, можеби малку и се исплашив. Кога ја видов сета таа љубов и енергија, сфатив дека немам право да не дадам се од себе за да возвратам на најдобар начин. На крајот, тоа беше концерт на кој целата сала пееше во еден глас и кој ми остана во сеќавање и се надевам дека повторно ќе ги имаме истите позитивни емоции“. – вели Марија.
Концертот во Скопје, за Шерифовиќ е дел од турнејата „Долази љубав“, во која се вклучени 30 градови и е планирано да трае до март. Како што кажа Шерифовиќ, иако репертоарот за турнејата е одреден, се обидува на концертите да вметне по некоја песна специјално за публиката пред којашто настапува, па така ќе биде и во Скопје.

„Контактот со публиката мислам дека за време на концертот е и најважен. За време на мојот последно одржан концерт во Ријека, Хрватска јас толку многу убаво си разговарав со сите нив што дури во еден момент се запрашав, јас немам потреба повеќе да пеам туку можам и да бидам стенд ап комичар. Ние толку многу убаво се забавуваме за време на тие концерти што дури јас понекогаш и инсистирам иако организаторите често знаат да ми се налутат, мојата публика или фан пит публиката да биде пред мене. Во партерот. Навистина се трудам на секој одржам концерт да запаметам барем една насмевка, еден лик и една приказна која еден ден кога ќе бидам стара баба ќе можам да ја раскажам на мојот син, внуците итн. Животот е всушност на она што се сеќаваме, ако немаме на што да се сетиме тогаш тоа е еден безцелен живот, безсмислен живот.“ – додаде Марија.
Останати се уште мал број влезници во продажба преку преку kupikarta.com.