Народен театар – Битола ја најави својата втора премиера за сезоната 2024/25 година. Се работи за монодрамата „Куфер.мк“ во изведба и по идеја и концепт на актерката Соња Михајлова а во режија на Благој Мицевски. Музиката е на Миодраг Неќак а видеото во претставата го изработи актерот Марјан Георгиевски.
„Мојата желба како директор на овој театар беше една претстава како оваа, и еден багаж на еден актер кој собрал еден цел свој живот во еден куфер, да не дозволам и не треба да се дозволи тој куфер затворен да остане некаде и надвор од видикот на публиката. Бидејќи најголемата казна за еден актер е да биде тргнат од сцената. Сите ние актерите, најголем кошмар кој го имаме е да бидеме тргнати од сцената.“ – вели в.д. директорот на Народен театар – Битола, Васко Мавровски.
Претставата е емотивна и лична приказна на Михајлова исполнета и инспирирана од сите турбулентни моменти и немирни времиња и како човек и актер кои ги формирале нејзиниот личен и професионален идентитет во изминатите 40 години. Најголем дел од претставата се авторски текстови на Михајлова и режисерот Мицевски во видео делот. Инспирација во концептот беа големите автори како Шекспир, Горан Стефановски, Блаже Конески кои се вметнати во самиот текст.

„Нема иднина ни театарот ни нешто друго без минатото. Ова ми е од ново момент со присуство во Народен театар – Битола после пензионирањето пред две години и искрено се радувам на тој момент и средбата со публиката на сцената на Народен театар – Битола. Сега кога НТБ слави 80 години, од кои слободно можам да кажам 40 се мои. Моментот на отворената врата во театарот и присуството на оваа монодрама ги подарувам на НТБ, на сцената на НТБ и публиката. Тоа е мој роденденски подарок за овој голем јубилеј.“ – рече Михајлова.
Оваа претстава е дел и од концептот создаден во пресрет на прославата на 80 години од основањето под мотото „Театарот е повторно твој“.
„Театарот е повторно твој, повторно на публиката, повторно на Соња Михајлова, театарот и не може да биде без Соња Михајлова, без Петар Мирчевски, Борис Чоревски и другите доајени. Заслугата да сме денес тука е на Соња и на сите тие кои денес и ги нема но кој што создале услови да можеме да работиме и се занимавме со театар.“ – додава Мавровски.
„Претставата опфаќа еден период од Југославија, нејзиното распаѓање, оформувањето на нашата нова држава и животот во неа, големите проблеми на кои што наидува како нешто што постои, во однос самостојност, јазик, култура и патем театар. Драго ми е дека публиката ќе ја види оваа монодрама, сум работел на многу проекти кои имале само по неколку изведби и чувствувам многу голема тага за тој толку многу вложен труд за толку многу кратко време а малку изведби. Вака на некој начин претставата има смисла не само затоа што ќе ја видат повеќе луѓе туку и тој вложен труд ќе најде своја реализација.“ – истакна режисерот Мицевски.
Во пресрет на јубилејот во НТБ при крај е работата на монографијата и ќе биде промовирана пред централната прослава на 14-ти ноември а паралелно за прв пат се поставува и постановка на сите награди и признанија. Исто така уште се работи и на дигитализација на целиот репертоар а во тек се и проби и подготовки за 4 нови премиери, гостувања на Македонски народен театар, Драмски театар и Театар Велес во месец ноември.