Ретроспективна изложба на Драган Најденовски во Кавадарци

Во четврток, на 22 август 2024, од 20 часот, во Музеј галерија Кавадарци ќе биде отворена изложба на познатиот ликовен уметник од Битола – Драган Најденовски.

Изложбата е во рамките на случувањата на Меѓународната ликовна колонија “Кавадарци – Михајлово 2024“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на република Северна Македонија.

Уметникот Драган Најденовски – Најдо се претставува како модерен автор. Сликите се плод на долга ликовна традиција и сублимат на талентот. Тој се избори за своевиден творечки стил, со кој се отргна од нашата гутенберговска галаксија за врамена шаблонска традиција. Создаде препознатлива и модерна галаксија од слики кои сјаат со посебни нијанси и колорит и пленуваат со убавина и складност.

Делата се масло на платно, молив на хартија, пастели или оние маслени пастели комбинирани со молив на хартија. Музите му создавале исклучителна уметничка вредност, откривајќи го оној, речиси, бестијален и јанѕоносен немир што се крие во неговата душа. Поставено е прашањето: Создадов ли дело или ова се само бои распослани на платно, на хартија? Тој не е свесен дека насликал дела со високи вредности на идното македонско и балканско време. Тие светат уверливо и кога сонцето се помрачува. Симболично и модерно, секоја слика е светлина и реалност, па и апстрактност што зрачи.