Синоќа на Ракометното игралиште во Битола свој концерт одржа познатиот битолски состав „Фолтин“. Концертот е наречен „Симултан бакнеж“ по истоимената композиција на бендот. Младите битолски предгрупи „Цар фон Тајм“, „Сиото џез“ и „Короужн“, нѐ припремија за настапот на „Фолтин“.

Без сомнеж, како и досега „Фолтин“ ги исполнија и ги надминаја очекувањата на публиката. Како што изјавија од групата: „Ако е летото жешко, нека е таква и музиката.“, таква беше и атмосферата на концертот, жешка и полна со емоции. Битолчани уживаа во познатите хитови на култниот бенд кој успеа да го долови моментот на катарза, заситен од енормното чувство на љубов и желба за добра забава. „Ми се води љубов“, „Лејди Дијана“, „Слободната љубов“, „Милице“ се само дел од песните од нивниот опус, а за крај беше изведена познатата „120“ или повеќе позната како „Везилка“.

Специјални гости на концертот беа скопската ска-панк група „Суперхикс“ кои неодамна заедно со „Фолтин“ ја објавија нивнaта заедничка песна, „Сила и нервоза“. Овој сингл беше одлично прифатен од публиката и веќе е на прагот да стане нов хит на успешните македонски изведувачи.
Фотографии: Дражан Брачиќ