По гостувањето во Албанија, Бабец театар со претставата „ На гости кај Кате и Фреда“ ќе настапи на 3-то издание на Лименка театар фест во Кикинда, Србија. Изведбата е закажана за 8-ми септември а ова е второ учество на Бабец театар на овој фестивал, откако во 2022 година учествуваа со претставата „Јованче и Марика“.
Претставата е по текст на Ингеборг фон Задов а во режија на Јован Ристовски. Во улогата на Кате е Јулијана Мирчевска, Фреда е Катерина Аневска – Дранговска а нивната другарка Миранда е Марија Стефановска.
Ова е најпоставуваниот текст на германската авторка Ингеборг фон Задов, текстот бил поставуван во Германија, Шведска, Велс, Австрија, Шри Ланка а Бабец театар премиерно го постави за македонските деца.
Кате и Фреда живеат заедно среќно. Нивното меѓусебно секојдневие е добро организирано: „Сѐ знае што има и каде е“. Кога Кате замислува дека би било возбудливо да има посетител, Фреда се чувствува повредена. Но, кога Миранда всушност влегува и почнува да му дава комплименти на Фреда, одеднаш Кате се чувствува изоставена. Има ли место за тројца каде што се е наместено за двајца?