Синоќа пред платото на Офицерскиот дом во Битола премиерно се одржа првиот концерт во рамки на проектот „Colors of Macedonia“.
„Музичките бои на Македонија се обединети во ова собитие насловено „Colors of Macedonia“ што на еден начин претставува шнит, односно нацрт-модел што донкихотски треба да се шие во различни бои во и од Македонија. И неслучајно започнува во Битола, како што вели Џорџ В. Прајс: „Битола е единствениот град во Македонија што можеш да го засакаш“. Токму него му го посветувам ова слово насловено „Битола, боја на шумовите“ инспирирано од неговата книга „Сказна за солунската армија“, објавена 1918 година во Лондон.“, додаде Деловски.
„Colors of Macedonia“ е нов проект со нови и необјавени материјали, припремен и снимен за многу кратко време, а по иницијација на врни македонски музичари кои живеат и работат надвор од Македонија и нивната кариера ја развиле на светско ниво.
За прв пат беа изведени композициите „Единаесет ружи“ посветена на сопругата на Исмаил Лумановски чие име на турски значи ружа, „Види“, „Зејтин“, „Стамболска“. „Приспивна за Битола„ и „Шеесет илјади јајца“ се дел од песните посветени на родниот крај на поголемиот дел од музичарите, Битола, како град на уметноста и најголемите уметници.
Иницијатори на проектот се Оливер Јосифовски, басист по професија и Исмаил Лумановски, мајстор на кларинет. Тие ги обединија своите колеги Алек Секуловски, професор по тапани кој живее и работи во Торонто, Канада, композиторот и клавијатурист Давор Јордановски, Александар Петров на перкусии кој живее и настапува во Дубаи, Филип Динев на гитара и останатите. За вокалниот дел на концертот беше задолжена сопругата на Оливер, специфичниот глас на Вера Милошевска-Љубојна која заедно со Анастасија Иливеска ја облагородија атмосферата на вчерашниот настап во Битола. Како што и самиот Јосифовски изјави, голема е реткоста овој состав да се собере на едно место, а уште поголема, заедно да настапи.
Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски