Во Завод и музеј – Битола а во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ денеска беше отворена изложбата „Радост – Прославата на духовна пркост на народот“. Изложбата се реализира во соработка со Државниот архив на РСМ – одделение Битола.

„Со едно симболично име, Радост, во оваа изложба се прикажани убави мигови од Битола и околината на кои иако фотографиите се црно-бели можеме многу живо да видиме каква била традицијата на нашиот народ и како прославувале. А тоа симболично се поврзува со „Илинденски денови“, радост и оживување на една традиција.“ – истакна директорката на Центар за култура – Битола, Маја Андоновска – Илијевски.

Историјата на македонскот народ е пропратена со разни премрежја. Лимитираните можности за културно – просветна еманципација ,се до создавањето на сопствена држава, го принудиле пак прикажувањето на својата посебност и постоење да го презентираат преку обичаи, преданија, стил на облекување, песни, ора, панаѓури или едноставно веселби и свечености. Оваа изложба си дава задача ги истражи тие елементи земајќи ја радоста како централна, сѐ врзувачка тема која се проткајува низ сите овие збиднувања. Камерите на неуморните трагачи по уникатен кадар – браќата Манаки, биле сведоци на многу од овие збиднувања и почнувајќи од отворањето на своето студио во 1898 па се до смртта на Милтон во 1964 ќе забележат стотици фотографии од семејни прослави, пикници, свадби, крштевки, народни собири, селски слави и слично. На оваа изложба е направен мал избор што ја доловува есенцијата на темата од тоа богато наследство кое Архивот го чува, заштитува и презентира.