Промовиран првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење – „Муза“

На 6 јули 2024 година, во прекрасниот амбиент на Офицерскиот дом во Битола, во 12:00 часот, се одржа промоцијата на првиот број на женскиот алманах за култура и урбано живеење „Муза“. Настанот привлече значајна публика од различни делови на општеството, вклучувајќи уметници, претприемачи, академици и бројни поддржувачи на женскиот активизам и родовата еднаквост.

Промоцијата започна со топол поздрав од Илија Талев, уредникот на „Муза“, кој ги поздрави присутните и ја сподели приказната за инспирацијата зад создавањето на алманахот. Тој нагласи дека: „Муза“ е посветена на силните и инспирирачки жени, кои ги преминуваат врвовите на успехот во сите сфери на живеењето, и дека списанието има цел да биде извор на инспирација и информации за сите жени. Неговата непосредност и природност во излагањето создаде топла и пријатна атмосфера.

Настанот продолжи со коктел, на која гостите можеа да се запознаат и да разменат мислења со уредникот, инволвираните во алманахот (чии интервјуа, профили или активности беа составен дел од списанието) и останатите присутни. Овој неформален дел од промоцијата создаде можност за вмрежување и градење на нови пријателства и соработки. Целокупната атмосфера на настанот беше исполнета со позитивна енергија и ентузијазам, што го прави овој настан значаен момент за сите присутни.

„Муза“ е списание создадено и посветено на силните, инспирирачки жени кои ги преминуваат врвовите на успехот во секоја сфера, во секој аспект од светот во кој живееме. На овие страници преку различни профили и интервјуа, ќе се запознаете со жени кои се издигнале во културата, уметноста, модата, спортот, бизнис и претприемачкиот сектор, образованието и науката и други области. Преку статии и совети ќе се информирате за различни ранливи групи, родова еднаквост, женски активизам, менторство и кариерен развој, интеркултурна интерпретација, меѓународни перспективи итн.

Издавач на списанието е Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола. Главен и одговорен уредник е Илија Талев (кој и претходно имал иста функција во списанието за култура „Магента“). Првиот број на „Муза“ беше пречекан со големо одобрување и пофалби, што ја потврдува важноста на вакви иницијативи за промоција на женската креативност и успех. Со оваа успешна промоција, „Муза“ официјално започнува со својата мисија да инспирира и информира, охрабрувајќи ги жените да ги следат своите страсти во полето во кое делуваат и да го менуваат светот околу нив.