Вчеравечер во античкиот театар на локалитетот Хераклеа во Битола, во организација на продукцијата Сцена, свој акустичен концерт одржа култниот бенд Нокаут од Скопје. Нокаут е музичка група која долги години твори на македонски јазик и успешно ја негува македонската музика. Фронтменот Никола Перевски-Пере ѝ се заблагодари на битолската публика за присуството и додаде: „Пред некој ден се боревме со Саша Матиќ, утре со Аца Лукас.Ние сме Нокаут и пишуваме само македонска музика. Имаме и неколку обработки, но тие се само за допринос на македонската музика“

Специјален гостин на концертот беше Дарко Гелев-Брејк кој изјави дека му е многу мило што настапува во Битола, неговиот роден град, и дека неговите последни денови ќе ги помине таму, во Битола. Вчеравечер негова најголема поддршка беа неговата мајка и сопругата за која нѝ раскажа една анегдота.

„Кога ја пишував песната „Болиш“ се шетав низ дома и ја прашував дали ѝ се допаѓа текстот. Нешто остана како напишаното, а нешто променив. Кога ја извадив песната и кога прв пат ја слушна ми рече: „Па за кого ја имаш пишувано, маму ти…““, додаде Гелев.

Публиката уживаше во најпознатите хитови на Нокаут и Брејк, „За нас, „Болиш“, „Еј би си“, „Лебедот бел“, „Ти си проблем“, „Знаеш каде да ме најдеш“, а за крај беше изведена култната „Во бестрага“.