The Stars Symphony – низ фотографии и текст

Два поводи за прослава во една вечер – долго очекуваното отворање на Градскиот стадион „Петар Милошевски“ и отворањето на битолското културно лето се случија во еден настан Тhe stars symphony.

Синоќа Битола пулсираше во ритамот кој што го заслужува. Програмата беше спој на добро познати локални, национални и интернационални артисти.

Додека неколку илјадната публика ги полнеше трибините за прв пат,  ја загреваа битолските DJ-и Ile The Hair и Boc.A.

Први настапија „Паркети“ кои на хумористичен начин во нивен стил се претставија како „салатата и ракијата“на прославата. Атмосферата се загреа со нивните легендарни песни.

Втори настапија „Суперхикс“кои оваа година слават јубилејни триесет години. Исполнувајќи ги нивните најголеми хитови меѓу кои „Глупави песни“, „Раде“, „Африка“ и др. докажаа дека не изгубиле од својот шарм и дека квалитетната музика е стилски богата, па на сцената им се придружија членовите на Камерниот оркестар и диригентот Владимир Димовски, и заедно продолжија да музицираат.

Градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, со краток и прикладен говор ја поздрави публиката за официјалното отворање на градскиот стадион, и ја отстапи бината на остатокот на ѕвездите на вечерта.

Прва странска гостинка беше Констракта, која е најпозната по евровизискиот хит In corpore sano. Изјави дека навистина е почестена што за прв пат настапува со Камерен оркестар, и покрај евровизискиот хит, исполни и песни од Землја грува, нејзина верзија на евергринот на Дино Дворник Zašto praviš slona od mene?

Водителот Никола Пројчевски, добро се погрижи интермецото помеѓу настапите да бидат забавни. Ја најави следната ѕвезда како битолското чупе со мега талент, кое често се корзира низ битолското корзо и за која не треба особено претставување – Каролина Гочева.

Каролина блесна во полн вокален сјај на сцената и ги потсети присутните на нејзините големи поп хитови „За нас“, „И ќе биде се во ред“, „Ајде да летаме“ и други, а на гласните барања во придружба на публиката ја исполни и „Хипокрит“.

Love Itoya со својот моќен вокал, во придружба на Камерниот оркестар и електро музика беше вистинска увертира во пикот на вечерта – настапот на Schiller чии фанови допатуваа од многу градови.

Schiller кој веќе неколку денови престојуваше во нашата земја ја поздрави публиката, споделувајќи впечатоци од топлото гостопримство, со надеж дека ова ќе биде само прв настап во Битола. Покрај него настапија Наде Талевска и Агни Авшар.

Вечерта ја затворија Pig & Dan и Brass Brothers.

Камерниот оркестар цела вечер беше на ниво на предизвикот, лесно преминувајќи од еден во друг музички жанр, и заедно со диригентот Владимир Димовски, докажаа дека имаат професионален капацитет поголем од регионалните граници.

Концертот Тhe stars symphony беше само поглед кон иднината која Битола би можела да ја има во музички и културен план.

фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски

There is no gallery selected or the gallery was deleted.