Започна 23-то издание на „Битола Отворен Град“

Фестивалот „Битола Отворен Град“ започна денес со изложба на женски стрип од млади македонски стрип авторки кои се носители на новата генерација на деветата уметност во земјава . Изложбата е соработка со Стрип центарот на Македонија од Велес а дел од проектот „Урбана агенда“ во чии рамки се одржа стрип работилница.

Оваа година фестивалот се одржува од 26-ти до 29-ти јуни на неколку локации во градот како: летната сцена на МКЦ, платото на Офицерски дом, Скејт паркот и Ракометното игралиште.

„И во изминатиот период и годинава ќе го потенцираме и понудиме урбаниот лик на градот, „градскоста“ на градот Битола и она што тој го нуди како алтернатива на се она што е кич или нешто што е поинаков вид на уметност. Сигурен сум дека ќе ја оправдаме улогата на една од најурбаните манифестации во Битола и Југозападна Македонија.“ – истакна Сашо Додовски, директор на МКЦ – Битола.

Големиот музички хепенинг кој е заштитен знак на фестивалот е посветен на македонската авторска музика а фестивалот ќе им отстапи простор и на младите и неафирмирани бендови.

„Секогаш ги поддржуваме младите и неафирмирани уметници и оваа година ќе настапат три бенда од Битола кои се предводници на еден нов бран на битолска андерграунг алтернативна музика на кој ќе им дадеме можност да бидат чуени. А имаме и голем интерес и од другите градови за концертот на „Архангел“ кој во Битола не свиреле од пред две децении на „Битола Отворен Град“. – рече Златко Талевски, извршен директор на МКЦ.

Вечерва на програмата е дискусија за позицијата на младите уметници денес – Искуства од пракса со РЕМОНТ – независна културна асоцијација од Белград, Србија и нивните претставници Марија Радош, Мила Стојановиќ и Невена Остојиќ. По дискусијата следува сет на DJ Chico. Вториот фестивалски ден (27.06) носи една новина, и тоа за прв пат во рамки на фестивалот ќе има Саем на креативни индустрии со повеќе од 10 излагачи а по истиот следува и мултимедијален перформанс на DJ BAJ:NO (Белград, Србија). Третиот фестивалски ден е резервиран за големиот музички хепенинг на кој настапуваат „Ареа“ и „Архангел“. За последниот ден на фестивалот (29.06) е предвидена изложба на млади уметници од креативен камп Битола отворен град 2024 по кој следува проекција на краткометражниот игран филм „Слобода“ на режисерот Златко Ѓелевски. Фестивалот се затвора со концерт на младите бендови PARANOJA, TSAR VON TIME и SUN SHIFT на Скејт паркот во Битола.

Како и во изминатите години фестивалот е карактеристичен по учеството на волонтерите а оваа година повторно се враќа и креативнот камп како составен дел на фестивалот.