Кога актерот застанува пред многубројната публика тој има света должност да ја пренесе фокалната емоција и притоа да го задржи вниманието благодарение на својата симпатична појава и приказната. Сценографијата е оскудна, дури и намерно непривлечна, многумина се решаваат за кореографски и светлечки ефекти за да се избегне монотонијата и пропаѓањето во мртва точка.

Кога монодрамата престанува да биде монодрама? Ова, воедно, е и границата што Дејан Пројковски и Игор Ангелов ја истражуваат во најновиот проект „ Сите најубави работи “.
Статистиката покажува дека 20% од пациентите со нетретирана депресија ќе извршат самоубиство. Но, што се случува кога статистиката ќе навлезе во најситната пора- семејството? И како осумгодишно дете ќе се соочи со предизвикот да ја разубеди мајка си дека смртта во никој случај не е решение ?

Данкан Мекмилан темелно ги обработува психолошките прашања во драмскиот текст „Сите најубави работи“. Монодрамата, во режија на Дејан Пројковски, е силно стегната адаптација за детето што созрева преку неочекуваното познанство со смртта. Откако мајката ќе направи неуспешен обид за самоубиство, нејзиниот син пишува список со сите најубави работи на светот со цел да ѝ докаже дека има зошто да живее. И во самиот драмски текст, Мекмилан ја зема детската невиност како пандан врз чии темели ќе ги исцрта најмрачните агли на душевната слабост.
„ СЛАДОЛЕД.
КУНГ ФУ ФИЛМОВИ.
МОЧКАЊЕ ВО БАЗЕНОТ БЕЗ НИКОЈ ДА ЗНАЕ.
СМЕЕЊЕ ТОЛКУ СИЛНО ДОДЕКА НЕ ТИ ПРОТЕЧЕ МЛЕКО НИЗ НОСОТ.
ДА НЕ ТИ Е ГАЈЛЕ КОЛКУ ПАРИ ТРОШИШ НА ОДМОР.“
Актерот Игор Ангелов ги пречека гостите во преполната сала и уште од самиот почеток очекувано беше дека монодрамата во продолжение ќе биде свежа и питка голтка за културна наситка. Тоа што никој не претпостави е колку горчина ќе остане по нејзината изведба.
Спроведена преку интерактивен концепт во кој самата публика ја добива споредната улога, Ангелов по случаен избор извлекуваше свои соиграчи: ветеринарот, училишниот психолог, таткото и саканата Тина. Видно се зголеми и тензијата кај гледачите, веројатно, стравот да не бидат избрани и срамот да се настапи пред толкав број на публика, но искусен актер каков што е Ангелов ги шармираше своите “жртви” и успеваше да ги опушти за набрзо да се слеат со сценографијата. Дозираниот хумор, усогласен со кулминативните точки во монодрамата-психолошка сеанса, кога по некое шокантно откритие се продолжува со откачен монолог, ја калибрираше врската на актерот како набљудувач и гледачот како пасивен учесник во хибридниот формат.

Затоа, токму оваа поставка на многупати одиграниот текст низ театарските сцени ширум светот е посебна, бидејќи ја вклучува, па и вовлекува публиката, ѝ дава можност не само да сочувствува туку и да учествува во процесот на психодрама со вложување на вистински емоции. Ангелов со иницијатива на професионален диригент ( да бидеме искрени не секому му успева да ја хипнотизира публиката и да ја натера да ги надмине сопствените слабости за да се синхронизира со реализацијата) ги покажа сите лица кои биле уметници во моделирањето на нараторот и го осуети култот на самоповредувањето. Лесната социјална трансакција, претпоставувам, имаше долготрајно дејство и успеа да ја подигне свеста за навремена реакција кога станува збор за општествените “пороци” за кои ретко јавно се зборува и се ставаат во табу-кошница.
Единствено ликот на мајката остана неодигран, да лебди низ запурничавата атмосфера како пламен од свеќа, најверојатно за да се избегне устоличувањето на сеништето одговорно за преку 700 000 самоубиства годишно во светски рамки.

Да се изнесе провокативна и чувствителна тема бара голема вештина, концентрација и љубов кон работата. ОХО продукција уште еднаш ни покажа колку е важна динамиката и будноста на публиката во тетарската медитација. На 28.05.2024 година Игор Ангелов не глумеше. Тој влезе под наводниците во сценариото и срасна со сцената. Тој беше синот измачен од менталната неврамнотеженост на својата мајка. Тој беше детето кое не сака да го слуша Реј Чарлс. Тој беше човек кој ја чувствува вибрацијата на грамофонските плочи. Тој беше сопруг кој ги облече износените чевли на депресијата. Тој беше гласот на публиката и ехото што депресијата го остава зад себе.
Јована Матевска Атанасова
фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски
https://www.instagram.com/monodramabitola