Во Битола започна 6.Меѓународен натпревар Пијанофест 2024

Со свечен концерт со лауреатите од минатогодишниот Пијанофест, се отвори годинешното 6.издание на меѓународниот натпревар „ПИЈАНОФЕСТ 2024″.  Концертот се одржа во цвечената сала на КИЦ.Офицерскиот дом во Битола и на истиот музичката магија ја пренесоа: Јана Блажевска Соло Пеење ( Македонија) и Јурен Алиа Пијано ( Албанија).

„Пијанофест’ е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози „ПИЈАНО“ од Битола, а се реализира под покровителство на Министерството за култура на Македонија и Oпштина Битола. Овој натпревар е во соработка со Културно Информативниот центар – Битола. На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Битола, др. Тони Коњановски.


Здружението ПИЈАНО ја промовира класичната музика и вредностите кои таа ги носи сама по себе. Формирано во 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика, ова здружение има за цел да го подигне нивото на музичката култура, културата за слушање на класична музика, како и да имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти кои што во иднина ќе ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл. Здружението Пијано исто така ги стимулира, поттикнува и мотивира младите музички надежи од нашиов град, од државава и пошироко за развој на нивниот талент и интеркултурна размена на искуства и идеи и со таа цел организира активности во текот на целата година. Приказната ПИЈАНОФЕСТ започнува во 2019 година, со идејата за културно раздвижување, а резултира со успешен настан и учесници не само од нашата земја, туку и од Србија, Италија, Албанија, Ермениа, Косово, Полска, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Малта и други земји. Од година во година интересот за натпреварот е се поголем, и големото „Пијанофест семејство” се повеќе расте. Оваа година има околу 150 учесници кои ќе се натпреваруваат во дисциплините пијано соло, соло пеење, а оваа година за прв пат и во дисциплината камерна музика.


Меѓународна жири комисија оваа година е составена од: за дисциплината пијано Бојана Родиќ (Србија), Елена Ѓоргиева (Македонија) и Милица Лоренс ( Малта ). Во дисциплината соло пеење: Македонка Митреска (Македонија), Иванка Нинова ( Бугарија ), Маја Митровска (Македонија). И во дисциплината камерна музика : Милица Лоренс ( Малта ), Вангел Мажевски ( Македонија ), Иванка Нинова ( Бугарија ). Следниве 2 дена, на 8 и 9 јуни, во КИЦ, Офицерскиот дом продолжува натпреварот Пијанофест 2024, а за најдобрите следуваат вредни награди. Битола со овој настан покажува дека со право го носи епитетот ГРАД НА КЛАВИРИТЕ. Битола го заслужува ова, Битола го заслужува ПИЈАНОФЕСТ.