Летај галебе – Младите за Кире Костов

    Камерен Оркестар на Битола ⋮IWConnect во Центар за култура Битола повторно приреди вечер која ќе остане зацртана во историјата на македонската музика. Вчерашниот концерт беше направен во чест на битолчанецот Кире Костов, величествен музичар, трубач, диригент и композитор чии дела се доказ за неговата посветеност на неговата професија, што го прави и еден од најпознатите создавачи на македонска композиција.

    Настанот започна со рецитал посветен на животот на големиот Костов, а го рецитираше неговиот кариерен сопатник Миодраг Врчаковски-Врчак. Тој нѐ потсети на најголемите достигнувања на маестро Кире, почетокот на неговата кариера, најголемите поп-хитови и многу други сегменти кои го докажуваат неговото величество и го потврдуваат неговото дело.

    За интерпретацијата на композициите во живо беше задолжен Камерниот оркестар на Битола кој нѝ го долови секој посебен момент на емоција и сочувство со поезијата на македонските творци и музиката на Костов.

    За сценариото, одбраните изведувачи, рециталите и патувањето низ сеќавањата на маестрото беше задолжен актерот Петар Горко. Тој со неговата сценска појава ја шармира и ја заведе публиката и направи една убава атмосфера во која, слушајќи ги и пеејќи ги одбраните хитови, уживавме.

    „Толку многу можам да зборувам за Кире, за нашиот прв трубач, за неговата огромна желба да свири џез музика со американци, со џез музичари, за неповторливиот талент да создаде совршена хармонија во неговите песни кои допираат длабоко во душата, за огромниот број на гранд прија во бившата Југославија и Македонија, за формирањето на преку триста композиции од областа на популарната музика и преку педесет композиции за џез музика, настапи во странство на џез фестивали и на фестивали на популарна музика.“, додаде Горко.

    Изведувачите беа: Сефедин Бајрамов, Димитар Андоновски, Антониа Гиговска, Бојан Стојков, Мина Блажев, Раде Врчаковски-Врчак, Барбара Поповиќ, Кики Мукаетова, Драгана Јовановска, Кармен Костова и Андреа Томовска.

    Големо изненадување за публиката беше кога Маја Андоновска Илијевски беше повикана на сцената, овој пат со задача да ја изведи најпознатата композиција на Костов, безвременската балада на Верица Ристевска „Галеб тажен“.

    „Вечно му сум благодарна на чичко Кире Костов. Пред триесет години, тој, како детектор на таленти во овој град ме одбра заедно со уште дваесетина други деца, да пеам на детскиот фестивал Си-до. Отсекогаш имав многу трема кога требаше да пеам, имам и вечерва, но не можев да ја одбијам Кармен и затоа, ова вечерва е за чичко Кире.“, додаде Андоновска Илијевски.

    Битолчанецот Бојан Стојков својот предизвик успешно го исполна и со стиховите на познатата „Тајно моја“ од вечниот ангел Тоше, ја разнежи, па дури и ја расплака битолската публика. „Штом се сака“, „Илузија“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Што те нема“, „При очи ти си слеп“, „Ти пеам песна“ се само дел од композициите од богатиот опус на Кире Костов кои беа изведени на концертот.

    Камерен Оркестар ⋮IWConnect започнува со припремите на следниот голем проект, музички спектакл насловен „The stars symphony“ кој ќе го обележи отворањето на шеснаесеттото издание на Битолското културно лето-Бит фест. Настанот ќе се одржи на градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, а за повеќе информации заследете ја страната на оркестарот преку следниов линк: https://www.facebook.com/kamerenorkestarnabitola/?locale=mk_MK

фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски