„На гости кај Кате и Фреда“ – нова детска претстава на Бабец театар

Бабец театар од Битола синоќа премиерно ја изведе новата детска претстава „На гости кај Кате и Фреда“. Претставата е по текст на Ингеборг фон Задов а во режија на Јован Ристовски. Во улогата на Кате е Јулијана Мирчевска, Фреда е Катерина Аневска – Дранговска а нивната другарка Миранда е Марија Стефановска.

Ова е најпоставуваниот текст на германската авторка Ингеборг фон Задов, текстот бил поставуван во Германија, Шведска, Велс, Австрија, Шри Ланка а Бабец театар премиерно го постави за македонските деца.

Кате и Фреда живеат заедно среќно. Нивното меѓусебно секојдневие е добро организирано: „Сѐ знае што има и каде е“. Кога Кате замислува дека би било возбудливо да има посетител, Фреда се чувствува повредена. Но, кога Миранда всушност влегува и почнува да му дава комплименти на Фреда, одеднаш Кате се чувствува изоставена. Има ли место за тројца каде што се е наместено за двајца?

Следна изведба на претставата е е во Кавадарци на 9-ти јуни а следната изведба во Битола е во текот на летото.

Претставата е дел од годишната програма на Министерство за култура и е финансиски поддржана од официјалниот партнер Комерцијална банка АД Скопје.

Фото: Ивона Кочов