Моја инспирација – музејска колекција на костими и текстил од Наде Геневска Брачиќ  

   Проектот „Моја инспирација“ е динамична истражувачка и едукативна иницијатива која ги реактуализира традициите со поврзување на образованието, визуелната уметност и современиот дизајн. Овој проект ги поврзува традициите преку интердисциплинарно истражување на текстилните наративи, ставајќи акцент на музејските колекции на костими и текстил. Со испитување на нивните функции од минатото, потекло, општествени улоги и занаетчиство, односно вештините за изработка, се има за цел да се зачуваат овие традиции и да се интегрира културното наследство во современото живеење.

   Како што проектот „Моја инспирација“ го завршува своето десетгодишно патување, кое вклучуваше различни подтеми во соработка со текстилниот оддел во СОУ „Таки Даскалот“ и СОУ „Јосип Броз Тито“, беше поставена изложбата на изработени дела од изминатиот период од двете училишта. Оваа изложба ги слави достигнувањата на проектот и го истакнува енергичниот спој на традиционалното и современото.


      Во рамки на отварањето на проектот Проф. д-р Гордана Вренцоска од факултет за арт и дизајн при Европски универзитет, Скопје одржа предавање на тема МОДАТА ПОМЕЃУ ТРАДИЦИИТЕ И ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА
      Предавањето се  осврна на традициите како начин на пренесување на културните вредности од претходните на следните генерации. Во време на глобализација и дигитална револуција, сведоци сме на губењето на вредни традиции кои се клучни за нашето постоење и културно издвојување во денешниот глобален свет. Во 21-иот век, интернетот, социјалните мрежи и брзата мода создадоа нови модни парадигми, меѓу кои и униформноста како производ на глобалната трка на светските модни брендови за пенетрација на сите пазари и кај сите слоеви на општеството.

      Но, современиот дизајн има моќ да имплементира нови начини на размислување и технологии за еволуирање на занаетите и традициите од културното наследство и да ги пренесе во новото глобализирано општество. Како интердисциплинарен систем, дизајнот нуди подобро поврзување на занаетите, културното наследство, модата, адвертајзингот, дигиталните медиуми и образованието од областа на културата и уметноста  – а со нивната синергија се овозможува создавање автентичен македонски производ – бренд.

      На свеченото отварање свое излагање имаа и Љубица Мешкова Солак – ликовен уметник, која зборуваше за  своето дело „Ќерката на кралот“ и Јасмина Василевски 3/4 tricetvrti by Jasmina, која ја раскажа својата приказна за колекцијата „Ала – франга“
    Потоа следуваше  дискусија со гостите на настанот кои  зборуваа за своите искуства и инспирации  од културното наследство

      За работата и поврзаноста на училиштето на СОУ „Таки Даскалот“ – текстилна насока со музејот,  конкретно со костимите и текстилот и нивната улога во создавањето млад стручен кадар ни зборуваа наставниците: Анита Стефановска, Живка Танушевска Ицановска, Ема Ќука
   На учесниците во проектот „Моја инспирација“  им беа доделени благодарници за учество во проектот, по што следуваше разгледување на изложбата на изработени дела во изминатите десет години од учениците од СОУ „Таки Даскалот“ – текстилна насока и СОУ „Јосип Броз Тито“ Битола

       Активностите во склоп на овој настан продолжија и во наредните денови со одржување на работилници.

фотограф: Кети Телевска Бакревска