Во Прилепскиот театар премиера на претставата „Бура“ во режија на Џон Блондел

Во Прилепскиот театар „Марко Цепенков“, вечерва во 20 часот театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја изведе претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата, костимите, светлото и автор на плакатот е Благој Мицевски, а музиката е на Томе Темелкоски.

Играат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.

Режисерот Џон Блондел за текстот „Бура“, кој се смета за последната драма на Шекспир, вели дека претставата е филозофија на животот и, како што вели, „не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот“.

− „Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј: „Класиката е класика затоа што е модерна“. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате.“ − истакнува режисерот Џон Блондел.

Претставата е дел од годишната програма на театарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.