Дон Кихот на ерменски начин

    Дали Дон Кихот бил клинички случај на шизофреничар или човек пред своето време, останува нејасно, а забот на времето што полека ја нагризува ваквата дубиозност заостанува да даде конечен одговор. Но, претставата на Културен Центар Јереван ни покажа сосем ново лице на ликот од една од најпродаваните книги на сите времиња, што можеби го крие одговорот во своето јадро.

    Дали да се одглуми карактер од толку пати одиграна претстава е излитен, па дури и излишен чекор? Најверојатно да, доколку Дон Кихот остане еднообразен, без актерот да му ја даде можноста за експанзија. И токму тоа го прави Арам Ховарисјан со овој истрошен дух на гримасата на налудничавоста. Го фасадира слоевито, додавајќи спектар од бунило, конфузија и агонија подврзани со синонимите на еуфорија, а истовремено отвора и нови прашања: кој е поверен другар посветен кон остварување на целите- Санчо Панса или коњот Росинанте? Сцената станува подвижен подиум, го добива мирисот на витештвото, ама и егзистенцијалната криза, Ховарисјан живее на превојот на систолите и дијастолите. Тој така брзо и фуриозно се трансформира од еднонасочна во наизменична струја што слободно согорува под пригушените светла и двобојноста на сината и црвената. Со невидена енергија која вклучуваше акробации, Ховарисјан ја одигра кореографија на животинско беснило наспроти душа тенка и растреперена како лист хартија. Шепот и олуја.

    Без разлика на тегобите подметнати од времето најважно е да се зачува радоста, да се најде простор за забава и кога ветерниците ќе ги откријат своите лица на обични вентилатори и додека сите походи се случуваат од троседот до фрижидерот во дневната соба. Брилијантно одглумена, со многу сетилност и опсег на сцената, шармантниот Ховарисјан ја носи динамиката во своите вени како што го носел и Сервантес својот книжевен слуга. Вчеравечер ни покажа како да уживаме во Дон Кихот на ерменски начин.

    Монодрамата е во режија на Маријана Френијан, поддржана од Културниот Центар Јереван, Ерменија, а е дел од официјалната селекција на 25-то јубилејно издание на Интернационалниот Фестивал на Монодрама во Битола.

Јована Матевска Атанасова

фотограф: Диоген Хаџи-Коста Милевски

https://www.instagram.com/monodramabitola