Со доделување на наградите заврши Фестивалот на монодрама

Пред точно 7 денови, светнаа рефлекторите на јубилејното 25 издание на Интернационалниот фестивал на Монодрама во Битола. Тоа означи почеток на овој фестивал, кој е толку многу посебен и надвор од рамките на програмските насоки на било кој друг театарски фестивал во нашата земја, па и пошироко во регионот.

Од таа вечер, па до вчерашната последна, со насмевка и возбуда ве чекавме вас, верната театарска публика која знае како да ги дочека и испрати со аплаузи актерите кои и овој пат дојдоа од многу страни на светот. Ви благодариме што секоја вечер гледалиштата беа исполнети до последното место. – истакнуваат од Центар за култура.

Градот Битола уште една докажа дека е вистински фестивалски град, место на средба на актери кои ја слават монодрамата како модерна театарска форма на “one man show”. Слоганот СЛОБОДАТА ЖИВЕЕ ТУКА го потврдивме и докажавме дека моќта на еден човек на сцената е безграничен. Битола беше град на театарски блесок, пречекувајќи талентирани актери од 9 земји кои на различни фестивалски сцени прикажаа 10 извонредни монодрами, оставајќи ги гледачите маѓепсани од моќта на еден изведувач на сцената.

GRAND PRIX доби актерот Арам Хованисјан од Ерменија за монодрамата „Дон Кихот“. Наградата за најдобар актер замина во Казахстан на актерката Јулија Кудрјашова за монодрамата „Кој го знае едниот“. Теа Шимиќ за монодрамата „Букача“ ја доби наградата за најдобра режија. Македонскиот актер Игор Ангелов ја доби наградата од публиката. А специјално признание за уникатно театарско искуство доби актерот Абдула Маасуд од ОАЕ.