Личните фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски донирани во Музејот на македонската борба

Донации на лични фондови на Анте Поповски и Матеја Матевски ќе бидат промовирани во НУ Музеј на македонската борба за самостојност на 30 мај 2024, четврток, во 19 часот.

Благодарение на соработката со семејствата Поповски и Матевски, Музејот ги збогатува фондовите со подарени материјали за еминентните претставници на втората генерација македонски книжевници, чии дела оставија силен печат врз општествената и културната сцена во втората половина на 20 век.

Анте Поповски (1931, Лазарополе – 2003, Скопје) е македонски книжевник, поет и есеист, публицист, сценарист, продуцент, преведувач, општественик и академик. Како член на МАНУ и Светската академија на поезијата на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО) се профилира како еден од афирматорите на македонска книжевна и културна сцена на национално, но и на меѓународно ниво.

Матеја Матевски (1929, Истанбул, Турција – 2018, Скопје) е значајна личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар. Истакнат општественик и член на МАНУ од 1970 година со значаен придонес во областа на книжевноста и културата на Македонија.

Активностите се дел од годишната програма на Музејот за минатата година, реализирани со поддршка на Министерството за култура.