Игор Ангелов настапи на Фестивалот на монодрама

Во рамките на четвртиот фестивалски ден во терминот од 20:00 часот актерката Деспина Сарафеиду од Грција ја изведе монодрамата „Медеја – црвена празнина“ по мотиви на Еврипид. По неа во следниот термин беше актерот Игор Ангелов со „Со сите најубави работи“.

„Медеја – црвена празнина“ е монодрама за Две Медеи, една актерка. Медеја вештерката и Медеја жената која страда. Едната ја победува смртта и ја претскажува иднината, а другата ја живее заблудата на сегашноста. Височество и страст во личност. Претстава во која убиецот е помилуван. Претставата се базира на пред-Еврипидските верзии на митовите. Децата не се убиени. Тие се жртвувани за Хера да стане бесмртна и на тој начин, тие се спасени од гневот на Коринтијаните. Текстот е лирски монолог напишан за актерка и изведен како поема.

Втората монодрама синоќа во терминот од 21:30 беше на популарниот македонски актер Игор Ангелов со „Со сите најубави работи“ во продукција на ОХО.

Засновано на драмата „Every brilliant thing“ на Данкан МекМилан оваа монодрама ја повлекува завесата за тоа како е да се биде дете на родител, кој поминува низ тешки животни моменти и колку сме потребни за оние што ги сакаме. Заснована на вистинити и невистинити приказни, ова беше приказна за тоа како да се постигне надеж преку фокусирање на најмалите чуда на животот.

Публиката беше вклучена цело време, во интеракција со актерот и со тоа се засили врската и се создаде интимност и длабока врска.

Вечерва на програмата се „Дон Кихот“ во изведба на Арам Хованисијан од Културниот центар во Јереван, Ерменија од 20 часот и „Кој го знае едниот“ на Рускиот драмски театар од Костанај, Казахстан и актерката Јулија Кудрјашова во 21.30 часот.