Манифестацијата „Денот на свети Кирил во Рим“ во изминатите години прерасна во празник со кој се слави мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, чија хумана активност остави траен белег во историјата на Европа. Оваа манифестација е силна врска во унапредувањето на односите меѓу Северна Македонија, Република Италија и Светата Столица.
Во рамки на овогодинешното чествување свој концерт во Рим имаше Камерниот оркестар на Битола со солистот Наде Талевска – Спасовска. На програмата беа македонските народни и изворни песни: „Бор садила мома Евгенија“, „Елено ќерко“, „Ој ти момче Охриѓанче“, „Јовано Јованке“, „1762 лето“, „Си заљубив едно моме“, „Налеј, налеј“, „Ајде болно лежи мојто либе“ како и сплет од три староградски песни за Битола („Битола мој роден крај“, „Ако одам во Битола“, „Сношти поминав заминав“) и неколку византиски песни.

Манифестацијата во чест на свети Кирил во Рим за првпат почна да се одржува во 1969 година, во пресрет на навршувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на свети Кирил. Таа година се роди идејата секоја година на 24 мај црковно-државна делегација, со пригодна свеченост од името на македонскиот народ, да му оддава должна почит и поклонение на свети Кирил за неговото значајно дело. Оттогаш, па сè до денес, во познатата базилика„ Сан Клементе“ во Рим, каде што се наоѓа гробот на свети Кирил, се одвива свечена церемонија на која присуствуваат црковна и државна делегација од Северна Македонија. Во рамките на манифестацијата се одржува културна програма, а особена чест за нашата држава претставува и свечената аудиенција кај Папата. Државната делегација оваа година ја предводеше претседателката Гордана Сиљановска – Давкова која со сите членови на делегацијата присуствуваше на концертот.


