Драмски театар ја продолжува традицијата на поддршка на македонски автори

Премиера на претставата „Парови“ ќе се одржи утре на 18 мај во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје.

На прес конференцијата за претставата говореше режисерката Ивана Ангеловска, авторката Ана Ристоска-Трпеноскаи и дел од актерската екипа. Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите се на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев, дизајнот на постер е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов. Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.

Директорката на Драмски театар Скопје Викторија Рангелова Петровска на прес конференцијата направи осврт на традицијата на Драмски во поддршката на текстови на македонските автори со што Драмски се издвојува и го држи приматот на национална куќа која дава најискрена поддршка со поставување на претставите на домашните автори. Таа истакна дека: „Новата премиера на Драмски театар која е воедно и праизведба на драмскиот текст ПАРОВИ од авторката Ана Ристоска Трпеноска. Должна сум да посочам на улогата на Драмски театар во промоција на македонски драмски автори и на македонското драмско писмо. Драмски театар од самиот свој почеток, во сите три негови развојни фази од Куклено детски театар, преку Младинско детски театар и на крај Драсмски театар во програмската политика искрено се залагал за промоција на македонски автори и домашното драмско творештво. Женскиот драмски ракопис е доминантен. Зошто ја правам оваа историска ретроспектива на улогата на Драмски театар во дефинирање на македоската драматургија, ја правам за да ја потенцирам улогата на Драмски театар во одржување на континуитетот на македонското драмско писмо и тоа со праизведби со што ја докажува вербата во новите автори. Ја потенцирам улогата на Драмски театар преку кој се дефинираат театарките животи на најголемите македонски драмски автори. Драмски театар е институцијата која отвара врата и искрено и несебично вложува во промоција на македонското драмско творештво и во македоските автори.“

Девизата на Ристо Стефановски дека без македонска драма нема театар, беше и остана една од примарните задачи на повеќе или помалку секој раководител на Драмски театар. За таа цел од оваа година Драмски театар започнува со реализација на конкурс за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години а наградата го носи името Горан Стефановски.

Авторката Ана Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст промислува на современ јазик и го поставува прашањето: „Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството? Животот во заедница е различен од онаа идеализирана љубов што партнерите очекуваат дека треба да се случи и да трае, и од сликата за заедница која доминира во дигиталниот свет. Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида. Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ. Драмата „Парови“ прикажува неколку парови партнери во различни ситуации и фази од нивните животи. Сите нив ги поврзува потребата за љубов и немоќта да ги променат работите“.