Со концерт на „Син пустиње“ во Порта Џез се заокружи одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот во Битола.

„Син пустиње“ е поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружи пејачот, инструменталист и истражувач на севдах, Дамир Имамовиќ. Во проектот се и познатиот гитарист Тони Китановски и Иван Михајловиќ на бас. Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведуваат дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други ставки кои на изведбата во живо му даваат комплетна форма и атмосфера. Ова е за нашите краишта, нешто понова форма. на изразување, но сепак класична во однос на начинот на создавање и презентација.

Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Младинскиот културен центар – Битола (официјален младински клуб на УНЕСКО), Битола ја стави на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски