Синоќа спортската сала Боро Чурлевски ечеше во звуците на добро познатите рефрени на македонските рок хитови. НУ Камерен оркестар на Битола надвор од својот вообичаен амбиент на концертните сали вчера ја наполна трибината на спортската сала во Битола, на првиот концерт во неа по децениска пауза.
„Македонска Рок Симфонија“ ги донесе најголемите хитови на „Архангел“, „Леб и Сол“, „Лева Патика“, „Паркети“, „Ареа“ а согласно со амбиентот на концертот на репертоарот беа и навивачки песни. Вокална придружба на Камерниот оркестар овој пат беа Дани Димитровска, Ружица Брчиоска од „Ареа“, Јасна Димитровска, Ана Петановска и Сашо Паркет.
Концертот со „Бистра вода“ го отвори а со „Македонија“ го затвори Ана Петановска, пејачката која со својот фантастичен вокал го привлекува вниманието изминатиов период настапувајќи на ваквите концерти. На репертоарот помеѓу останатите беа и „Милион долари“, „Чудесен свет“, „Сите мои слики“, „Оптими-ска“, „Бал“ итн.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски