Изложба на уметничка фотографија на Глигор Кондовски во Битола

Во рамки на проектот „Урбана Агенда“, Младинскиот културен центар – Битола организира изложба на уметничка фотографија од Глигор Кондовски.

Во својот најнов фотографски опус, реномираниот режисер и фотограф Глигор Кондовски приоѓа апстрактно. Изнаоѓајки визуелни решенија надвор од границите на дотогашните индивидуални и глобални фотографски тенденции, тој ги поместува своите внатрешни граници и ја ослободува вештата рака. Во таа целосна слобода и предаденост во самиот чин на фотографирање, флуидноста на уметничкиот момент го носи во најсовремен фотографски израз. Фотографијата не е повеќе фотографија, таа е цртеж и слика. Преодот на ова високо фотографско ниво е свесно обмислен, а не просто-интуитивен, иако неговиот фотографски инстинкт никогаш не може да го излаже.

Изложбата е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов (1972 – 2024). Фотографиите се сценски фотографии во вид на комбинирано спојување помеѓу визуелна и аудитивна (музичка) импровизација специфична за џез музиката. Фотографии направени од фестивалите: ПМГ Рекордингс и Крај Вардарот Џез.

Изложбата ќе биде отворена на 30-ти април од 12 часот во Порта Џез – Битола.