Премиери, гостувања и одбележување на големиот јубилеј најавува Битолскиот театар

После премиерата на претставата „На дното“ по текст на Максим Горки, а во режија на Ќендрим Ријани битолскиот тетар ќе реализира уште голем број на проекти во текот на годината. Претставите „Повторно обединување на двете Кореи“ во режија на Јуш Зидар и „Хенри IV“ во режија на Никита Миливојевиќ кои се дел од годишната програма на театарот, ќе се поставуваат на есен, а во мај, Багријана Попов ќе започне со поставување на претставата „Галеб“ по текст на Чехов. 

„Претставата „Галеб“ која ќе ја рeжира Багријана Попов не влезе во годишната програма, но таа се согласи да ја работи со свои средства. Секоја година, покрај тоа што од министерството добиваме околу три проекти, заедно со фестивалот „Шекспир“, четири, правиме уште три до четири претстави, вкупно седум годишно.  „Галеб“ е една од таквите. Исто така оваа година празнуваме осумдесет години од постоењето на битолскиот театар како најстар театар во Македонија. Планираме изработка на монографија како и гостувања од пријателските театри кои ќе се реализираат оваа есен. Првото гостување ќе биде после фестивалот „Шекспир“, од театарот од Зрењанин. Потоа прво ние гостуваме во Зетски дом-Цетиње, а потоа и тие ќе играат своја претстава кај нас. Реализирањето на други претстави зависи од расположението на вработените режисери и од тоа колку располагаме со технички и материјални средства. Доколку сме во можност, сигурно ќе направиме уште две до три претстави до крајот на годината.“, изјави директорот на театарот, Иван Јерчиќ

Режисерот Ќендрим Ријани, за најновата премиера „На дното“, првиот проект со битолскиот театар, „Артуро Уи“ и на прашањето за неговите следни планови изјави:

„Несомнено се согласувам и тврдам дека Битолскиот театар го има најдобриот ансамбл во државава. Што се однесува до претставата, со „Артуро Уи“ добивме пет, а овој пат ќе добиеме најмалку шест награди на „Војдан Чернодрински“. После оваа претстава одам во Косово, каде во народниот театар ќе работам на „Магбет“. Ќе ја искористам можноста да кажам уште нешто. Има три вида на претстави. Првиот вид е кога од денот на премиерата претставата останува таква каква што е. Вториот вид е кога таа станува сè полоша и полоша, и третиот вид, кога секоја нејзина следна изведба е сè подобра и подобра. Мислам дека ние направивме претстава од третиот вид во која, и после подолг период публиката ќе ужива во секоја нова изведба, анализирајќи го секој лик поединечно. Како што вели една изрека на Васлав Хавел: „Ако сакате да дознаете кој дел од општеството е на најголемо дно треба да гледате од каде има најмногу кандидати во политиката.“, од која професија доаѓаат голем дел од политичарите. Вистината на изреката ќе ја најдете во „На дното“.“

Овој понеделник, на 22.4.2023 година во 20:00ч. ќе се игра претставата „Бакхи-кракот преглед на распадот“ во чест на Игор Вук Торбица, а на 26.4.2023год. ансамблот на битолскиот театар со истата претстава ќе гостува во Српски народен театар-Нови Сад.

Влезници можат да се набават на следниов линк:

https://narodenteatarbitola.com