Македонија за прв пат дел од La Fabrique Cinéma со новиот филм на Марија Апчевска

Проектот „Пролетно чистење“ на режисерката Марија Апчевска – Петровска во продукција на Кино око, а по сценарио на Марија Апчевска – Петровска и Ереник Бекири е еден од 10-те проекти одбрани на 16-та едиција на престижната програма La Fabrique Cinéma de INSTITUT FRANÇAIS за препознавање и промовирање на филмаџии и продуценти од целиот свет. Ова е прв македонски проект одбран во оваа програма.

Програмата La Fabrique Cinéma ќе се одвива во рамките на Festival de Cannes од 14 до 25 мај, 2024, каде продуцентот Роберт Насков и режисерката Марија Апчевска – Петровска ќе имаат можност да го претстават проектот „Пролетно Чистење“ пред најдобрите агенти за продажба и дистрибутери како и пред програмери и селектори на најголемите филмски фестивали.

La Fabrique Cinéma de l’Institut français претставува програма за идентификување и промовирање на филмаџиите и продуценти од земјите во развој, кои нудат поддршка по „мерка“ за први и втори филмски проекти, во тесна соработка со Festival de Cannes, Marché du Film и бројни професионални партнери. La Fabrique Cinéma е алатка која поддржува меѓународна копродукција со Франција, покрај фондот „Aide aux Cinémas du monde“, фонд со кој заеднички управува Францускиот Национален Филмски Центар (CNC) и Францускиот институт.

Од 2009 година, програмата поддржала 154 проекти од земјите во развој и помогнала на 282 учесници од кои 43% се жени од 65 различни националности.