Со „Kooperacija sessions“ започнуваат Денови на Смилевскиот конгрес

Новата национална установа Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ преку неофицијална програма започна со славење на историјата и културата. Вечерва во кооперацијата се одржа првиот концерт од серија „kooperacija sessions“, на кој настапија харизматичните„Мојра“ со маестралниот музичар Оливер Јосифовски („Љубојна“). Музичките настани кои се организираат во чест на Смилевскиот конгрес се своевидна културна револуција со израз на авторската уметност.

Директорот на установата, Владимир Деловски, нагласи дека концертот под името „Коперација сешн“ е поттикнат од значењето на постојаната соработка на уметниците и културните работници преку која се оддава почит на традицијата и на македонскатра историја. 

„Кооперацијата е како културна институција, како белег од минатиот век, ми се чини како познат извик од времето на моите родители, како повик кон ближен човек, што на истите струни ги произведува истите треперења. Новиот културен Смилевски конгрес, калем на историската вредност и прилагоден во новиот контекст и време, ја продолжува истата таа борба, овој пат културна борба.“ – рече Деловски пред публиката.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на почетокот на одбележувањето на Смилевскиот конгрес, на настанот Кооперација, селското бифе – синоним на заедништво и кооперативност. Местото каде што новоформираната установа „Денови на Смилевски конгрес“- Смилево преку придружна програма започна да ги афирмира програмските идеи за промоција на историјата и традицијата на револуционерите од Илинденското востание. Министерката за култура ја поздрави иницијативата и за современиот приод за промоција на македонската култура, фолклор, историја и традиција со кој се отвораат нови можности за афирмација на историскиот настан, значаен за државата, но и се промоција на прекрасниот крај на Смилево.

„Kooperacija session“, како што најавува организаторот е номадска платформа за квалитетна авторска музика, која ќе се изведува низ кооперациите во регионот. Централната манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“ ќе се одржи на 17 и 18 мај во Смилево.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски