Детската претстава „Книголандија“ прва премиера на Штипскиот театар

Штипскиот Народен театар премиерно ја изведе детската претстава „Книголандија“, Целта е да се разбуди чувството кај децата за важноста на книгите, со цел повеќе да се развиваат, сонуваат, фантазираат преку еден ваков вид на претстава.

„Ја имаме првата премиера од оваа сезона, која што е во сопствена продукција од страна на НУ Центар за култура „Ацо Шопов“- Штип и ви ја преставуваме новата детска претстава за најмладата публика. Она што е битно за оваа детска претстава е дека сакаме да го пробудиме чувството кај децата за важноста на книгите, преку една интересна театарска претстава преку интересни приказни, повеќе приказни вмешани во една целина, каде ќе се долови магијата за читањето на книгите“, изјави Горан Трајков, директор на Центарот за култура.

Режијата на претставата е на Кристина Атанасовска, која е и актерката во Народниот театар Штип. За костимографијата и сценографијата беа задолжени студентите од Технолошко-техничкиот факултет. Играат Марија Димчева, Елена Шопова-Дербова, Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини, Даријан Патров, Искра Постолова и Пеце Ристевски. 

Тетарот во Штип ќе има четири премиери, од кои две се финансирана од Програмата на министерството за култура, а две се во сопствена продукција. Од наредната недела започнуваат подготовките за останатите три премиери, од кои последната, што ќе се изведе во јуни, ќе биде во режија на Дејан Пројковски. Традиционалниот театарски фестивал за деца „Малиот принц“ како што најавуваат од Центарот за култура, ќе биде во октомври.