Со концерт и модна ревија одбележан Денот на ромите во Битола

Вчера во просториите на КИЦ Битола се одржа настанот „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ во организација на општина Битола и Сумнал по повод 8-ми април – Меѓународниот ден на Ромите.

Новите генерации Роми со силна мотивација и желба го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот, на промените. Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество. Денешното време нè потсетува дека Ромите се неодделен дел од нашето општество и дека треба да бидат вреднувани. Во светлината на денешниот ден треба да продолжиме со нашата ангажираност и поддршка кон инклузијата, образованието и можностите за работа за Ромите. – истакна м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателката на „Сумнал“.

На програмата беше модната ревија на учениците од текстилната струка – техничар за дизајн на облека од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Моделите ги носеа учениците и студентите од ООУ„Даме Груев“, ООУ „Ѓорги Сугарев“, СОУ „Таки Даскало“, СОЕУ „Јане Сандански“ и Бизнис академија Смилевски – Битола, под менторство на професорките Живка Танушева Ицаноска и Ема Ќука.

Ревијата беше збогатена и со модели од модниот дизајнер Муамед Маликовски. Маликовски е познат по својата креативност, иновативен пристап и ангажман за прослава на ромската култура. Неговите креации се симбол на елеганција, стил и индивидуалност, што го прави идеален кандидат за нашата ревија. Ревијата беше простор за изразување на културното наследство и иновација прославувајќи ја светлината на ромската култура преку модата.

Во музичкиот дел настапуваа учениците и професорите од Државното музичко училиште – Битола и оперскиот пејач Ернес Ибраимовски во пијано придружба на маестро Андреја Наунов од Националната опера и балет – Скопје кои ги исполнија ромските и македонски народни песни: „Пиравело Миле“, „Кој што ме чуе да пеам“, „Сајбија“, „Не стој Доне Донке“ итн.

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски