Фестивалот на грчки филм ќе се одржи во Скопје и Битола

Фестивалот на грчки филм по четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола. Фестивалската програма, покрај скопската ќе ја погледне и публиката во Битола, градот на филмот, градот на богатата кино-култура, градот на почетоците на балканската кинематографија со Браќата Манаки. Отворањето на Фестивалот на грчки филм е на 7 април (недела), во Скопје, а во Битола ден подоцна, на 8 април  (понеделник) и ќе ја понуди есенцијата на грчката филмска уметност од последните неколку години, прикажувајќи вкупно 6 филма: 3 долгометражни и 3 кратки филмови. Филмовите во Скопје ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија, а во Битола во Кино Манаки.

Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, поздравувајќи ги присутните на денешната прес конференција и истакнувајќи задоволство поради одржувањето на Фестивалот се осврна на филмот „ Жена –убиец“/ ФОНИСА во режија на грчката режисерка Ева Натена.

Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии“, рече Филипиду.

„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и  жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле.

Во продолжение амбасадорката Филипиду ја најави видео –пораката на Ева Натена, режисерката на филмот која им се обрати на присутните.

„Голема благодарност до организаторите на Фестивалот. Многу сум среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.“

Голема радост е кога човек успева да создаде пријателства, во моменти кога тоа изгледа дека не е можно и таму каде изгледа дека нема простор за тоа.

Со ваква мотивација, зааедно со помошта и влогот на сите мои прекрасни пријатели и колеги од Хеленската република и особено драгите пријатели од Амбасадата на Хеленската Република, создавањето на овој фестивал е чисто задоволство за мене“ – рече Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова и организатор на Фестивалот, притоа заблагодарувајќи се на недвосмислената поддршка од страна на Амбасадорот на Хеленската Република во Северна Македонија, нејзината екселенција, амбасадорката Софија Филипиду.

Програмата е составена од филмови со различни жанрови и филмски стилови, како и филмови кои успешно пливаат по повеќе жанрови како што се филмот „НЕВИДЛИВ“, на Димитрис Атанитис, кој во основа е социјална драма, но режисерот прилично  експериментира со својата филмската нарација. Како дел од програмата имаме филм и режисер кои припааат на новиот т.н. Чуден филмски бран во Грција. Вториот филм кој ќе биде прикажан на отворањето  е комедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“на Јоргос Георгопулос говори за Арис, кому сè му оди од рака. Како манипулант, како во неговата работна средина така и во личниот живот, тој ужива во животот како безгрижен женкар и миленик на неговиот шеф. Неговата среќа ќе се промени кога ќе открие дека е носител на сексуално пренослив вирус кој е смртоносен само за жените. Но, тој е и единствената надеж за пронаоѓање на лековита вакцина, доколку открие која од неговите поранешни девојки е носител на првиот вирусен вид.