Богата јубилејна концертна сезона и монографија за 75-години „Танец“

Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот Танец веќе 75 години е еден од
најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од
главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува
македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку
соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата
ризница на македонскиот народ, тој е денес една од најблескавите страници на
македонската културна историја.

Оваа јубилејна сезона не е само наша прослава, туку и ваша. Прослава на секој еден кој го поддржал Танец на неговиот величествен пат, кој ја разбрал неговата голема и значајна мисија. Вашата безрезервна љубов и поддршка отсекогаш биле движечката сила на нашиот успех, и за тоа сме ви вечно благодарни. Да ја направиме заедно и оваа славеничка година, година за паметење! Да се здружиме, да чествуваме и да создадеме спомени кои ќе траат цел живот. Танец изникнал од народот и ја пишувал својата приказна со народот. Затоа, ајде здружено да почнеме да го пишуваме и следното поглавје на Танец! Така за навек! Нека ни е честит роденденот и нека е за вечност! – истакнуваат од „Танец“.

Со скромни ресурси, сѐ уште без своја концертна сала и зависен од слободните термини
на институциите со соодветни сцени, но со голема волја и ангажман за достојно
одбележување на 75-годишнината од основањето, Танец со радост и голем ентузијазам ја
подготви својата јубилејна сезона. Всушност, кон оваа 75-годишнина се работеше плански
и постепено, со развивање на долгорочни проекти кои веќе неколку години се на нашата
агенда. Оттука, и оваа концертна сезона започна со самиот извор, со концептот наречен
„Изворни минијатури“, со којшто ја обиколивме речиси целата држава. Проектот
„Изворни минијатури„, е замислен како сценско-едукативен караван низ градовите низ
земјата, со кој ансамблот се враќа кон изворите и изведува творби од повеќе области од
музичко-фолклорната и играорната практика на територијата на нашата држава и тоа во
нивната интегрална форма во која егзистрале на теренот. Оттука, репертоарот е составен
од изворни ора и мелодии кои се содржани во постоечките кореографии на ансамблот или
во минатото биле на репероарот на Танец, а се одамна заборавени или нашуштени. Оваа
програма е податна за малите сцени со кои располагаат најголемиот број од центрите за
култура во државава, но програма која е вистински омилена кај публиката. Овие изворни
бисери, покрај граѓаните на Гостивар и на Македонска Каменица, кои на 14 и 21 март
годинава ги исполнија гледалиштата до последното место, ќе можат уште да ги видат и
жителите на Пехчево на 25 април. Секако, онаму каде што дозволуваат просторните
услови, Танец ќе гостува во својата голема формација, односно ќе се претстави со
целовечерени концерти на целиот ансамбл (играорен кор, оркестар и хор), со циклусот
насловен „Танец низ татковината“. Оваа година, Танец во соработка со центрите за
култура ќе има концерти во Кавадарци (на 16 мај), Кичево (на 23 мај), Прилеп (5 јули)
Охрид (на 10 јули), Битола (на 25 јули), Велес (на 10 октомври) и Струмица (на 25
октомври).

Танец во оваа концертната сезона, промовирајќи го пертнерскиот однос и заедништвото
на македонската културна сцена, дел од своите концерти ќе ги изведе во рамките на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Скопско лето“ (27 јуни), „Галичка свадба“ (13 и 14 јули), „Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ (во рамки на гостувањето во Велес) и секако ќе го поддржи со свое гостување јубилејното 50-то издание на познатиот Долненски фестивал „Пеце Атанасовски“ (во рамки на гостувањето во Прилеп).

Секако, освен овие концерти на Танец низ градовите во државата, ансамблот ќе приреди и
неколку уникатни концерти пред матичната публика во главниот град. Тука се
традиционалниот Велигденски (19 април во НОБ) и Новогодишен концерт (27 декември
во НОБ), потоа концертот посветен на 100-годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Димчевски,
знаменитиот автор на антологиски кореографии за Танец и долгогодишен раководител на
оркестарот (11 јуни во МНТ), како и централниот јубилеен концерт „Танец – 75 години
македонски код“ предвиден за почетокот на 4 ноември во Големата сала на НОБ.

Она што го предвидовме и што со сигурност го знаевме дека ќе резултира со огромен
интерес и надвор од земјата е минатогодишниот заеднички музичко-сценски спектакл на
сите ансамбли на Танец и Националната опера и балет, проектот со наслов „Фолклорно-
класична симбиоза“, кој се одржа на 7 септември 2023, но кој се повтори на големо
барање на публиката и како заеднички новогодишен концерт. Ова беше прв пат во
историјата овие две национални установи, со повеќе од 130 учесници на сцена, за
прозвучат заедно во симфонизираните антологиоски кореографии на Танец „Осоговка„,
„Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“ и „Водарки“, како и во многу
други македонски орски и вокални мелодии, обмислени во ново раскошно руво со
специјалните оркестрации на Дарко Илиевски. Гледалиштето беше преполно, се бараше
билет повеќе и целиот проект помина со одличен успех и големи одгласи во јавноста и
медиумите. Концертот беше мултимедијално доживување со спектакуларни видео
проекции на големи видео ѕидови и раскошни музички и танцови изведби, што даде едно
ново, дотогаш невидено на домашните сцени, современо видување на овој вид на
музичко-сценско претставување. Како резултат на ова, во нашата јубилејна година, Танец
и НОБ во септември ќе заминат на регионална турнеја (прва ваква турнеја на две
национални институции во македонската историја), во 4 градови од поранешна
Југославија. Голема е гордоста да ја претставуваме на ваков величествен начин надвор од
нашите граници, исто толку како и секоја година, па така и оваа кога Танец ќе настапи на
најголемиот државен празник Илинден, на Мечкин Камен и во Прохор Пчински.
Покрај концертирањето, во програмата на Танец за оваа година е и публицистичката
дејност во која секако централно место има издавањето на новата монографија посветена
на 75-годишнината од основањето на Ансамблот, со наслов СЕДУМ И ПОЛ ДЕЦЕНИИ,
СЕДУМ И ПОЛ ПОГЛАВЈА – Програмската активност на Танец од 1949 до денес, на
тројцата автори, етномузиколозите м-р Бранка Костиќ-Марковиќ и Кирил Тодевски и
етнологот Светлана Ќириќ, која го направи круцијалниот дел на книгата, драгоцениот каталошки пресек на целиот кореографски репертоар на Танец и сите негови носители –
вклучените во неговото создавање и изведба во сите овие седум и пол децении.