Изложбата „Јапонскиот лебдечки свет – УКИЈО-Е“ од Велес патува за Прилеп

Изложбата „Јапонскиот лебдечки свет – УКИЈО-Е“ од Велес патува за Прилеп и утре, на 29-ти март во 13 ч. изложбата ќе ја отвори Н.Е. Амбасадорот на Јапонија, г. Казуја Оцука во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Изложбата насловена „Јапонскиот лебдечки свет-UKIYOE“-пред публиката се претставува во рамките на проектот за соработка помеѓу ЦК „Марко Цепенков, Амбасадата на Јапонија во Македонија, Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“-Скопје, Музеј на град Скопје и неформалната мрежа на музеи МузеумЛинк-раководена од Јасминка Намичева,кустос советник.
Изложбата е по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Македонија.

Со преку 30 копии-принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век , до публиката, ќе допре шармот на „светот кој лебди“ кој е всушност отслик на подемот на трговската класа во градот Едо(денешно Токио) во периодот од раниот 17 век, и нивната хедонистичка филозофијата која ги подржува моментните задоволства на животот, при тоа славејки ја убавината на природата преку претставите на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист. Раскошните квартови во Едо,во кои самураите и граѓаните ја сочинувале новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на ukiyoe мајсторите.

На изложбата се претставени најзначајните мајстори на ukiyoe,-Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17ти век бил првиот сликар кој започнал со ukiyoe дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо, полни со живот, наспроти дотогашните портрети на неприродни и кршливи ликови. По големиот успех на неговите цртежи тој е првиот илустратор кој се потпишува на своите дела. Хишикава школото привлекло голем број следбеници, со што била започната популаризацијата на новиот уметнички стил-укијое.