Големата сцена на Драмски именувана по Ристо Стефановски

На Светскиот ден на театарот, големата сцена во Драмски театар беше именувана по Ристо Стефановски. Настанот за промоција на именувањето беше проследен и со промоција на монографија за овој истакнат театарски великан.

„На овој театарски празник се слави театарската уметност, се прави осврт на достигнувањата, се укажува на пропустите, се посочува на идните планови. Со задоволство се зборува за минатото и се отвораат приказните за театарските великани на кои им се оддава должна почит“- истакна директорката Викторија Рангелова Петровска на синоќешната свеченост во Драмски.

Свеченоста по повод Светскиот ден на театрите продолжи со промоција на монографското издание „Ристо Стефановски“. Промоторката на монографијата Искра Гешовска на промоцијата ќе истакне:

„Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот. Во историјата на човештвото, именувањето е еден од клучните колективни и интимни гестови. Именувањето на институциите, и на сегментите кои се важни за една институција, особено со името на некоја личност која е во длабока релационост со институцијата е еднакво, ако не и повеќе од важно – особено важно е да се биде прецизен во тоа. Бидејќи тоа не е само одавање почест, туку е и јасна смерница за културните политики и за мисијата на одредена институција. Според тоа кому и под кои рефернтни вредности институционализираме нечие име, нечија биографија, ние ја одредуваме развојната линија на современата култура и на она што се нарекува современо културно наследство.“

Ристо Стефановски е всушност втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот развој на Драмски театар. Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала.

Монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен
придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за
Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од
неговите дневничк записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и
соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со
целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен
преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.