Камерниот оркестар со концертот „Барокна фантазија“ ги оживеа најубавите моменти од барокниот период

  НУ Камерен Оркестар на Битола вечерва го одржа својот прв концерт оваа година како национална установа. Во свечената сала на Офицерскиот дом во Битола беше изведена „Барокна фантазија“ со што започна првата официјална сезона на оркестарот како национална установа.

„Задоволство ми е што имам можност да искажам голема радост од успесите на Камерен оркестар – Битола, нашиот омилен камерен состав од минатата година прерасна во национална установа од областа на музиката и усепа високо да ја крене Битола во влијателен музички центар во државата и во регионот. Со поддршката на Камерен оркестар – Битола покажавме сериозна посветеност кон квалитетот на културата. Камерниот оркестар е битолска гордост која со секој нов настап продолжува да изненадува со своето мајсторство, страст, иновативност и креативност.“ – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска

  На програмата беа дела на Хендел, Вивалди и Бах. Волшебната музика на барокот ја пренесоа музичарите Симон Поповски (виолина), Ангела Димковска (флејта) и Дејан Цветковски (виолончело), кои се и првите вработени во оркестарот. Концертот со својата соло изведба го збогати сопранот Биљана Јосифов која беше гостин на концертот. Концертот „Барокна Фантазија“ беше патување кое ги оживеа најубавите моменти од барокниот период, и ги спои историјата, културата и уметноста преку моќта на музиката.

„Јас бев четврта годна средно кога мојот професор по виола Никола Трајановски со кого подоцна ги организиравме концертите на Камерен оркестар, ме повика да свирам во оркестарот кој тогаш го раководеше Зоран Маневски. Како млад ентузијаст со многу соништа уште тогаш помислив колку би било добро градот Битола да има професионален оркестар во кој ќе се вработат млади луѓе кои после факултет ќе си дојдат во својот град. На неверување на многумина се оствари мојот и се надевам сонот на голем дел од музичарите во Битола, се случија првите вработувања во оркестарот благодарение на Министерството за култура. Искрено се надевам дека ова не се последни вработувања во оркестарот и дека заеднички ќе се бориме до пополнување на последното работно место.“ – рече Владимир Димовски, директор на НУ Камерен оркестар на Битола.

НУ Камерен Оркестар на Битола вети и богата програма на музички настани во годината што доаѓа.

„Ветуваме богата програма која покрај што ќе го збогати културниот живот во Битола, содржи гостувања во државата, градови низ Балканот па и гостувања со концерт во Виена. Ако министерството ни има одобрено поддршка за 17 концерти ние се обврзуваме да направиме 30-тина.“ – додаде Димовски пред почетокот на концертот.

 НУ Камерен Оркестар на Битола

Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски