Претседателката на Македонскиот АСИТЕЖ, Јулијана Мирчевска со порака за Светскиот ден на детските театри

Иднината им припаѓа на децата, а нам, должноста кон нив сега, овде и секојдневно да им овозможиме театар. Членот 13 од конвенцијата на ОН за заштита на правата на децата вели:
,,Детето има право на слобода на изразување која ја опфаќа и слободата да бара, да прима
и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или
писмено, преку печатот, уметноста или друг медиум по избор на детето.“
Театарот е слобода на изразувањето, креирањето. Театарот е љубов. Театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш до сега ,ни е потребна. Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почуствуваат се околу себе и во себе. ,,Одведете го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете“ На ова би додала: ,, Вклучете го секое дете во создавањето театар“. Гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себе си. Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните ,,големи луѓе“ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности.Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата. Театар за секое дете од градските и руралните средини. Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата. Нека ни е честит 20-ти Март Светскиот ден на детските театри!
се вели во пораката по повод Светскиот ден на детските театри 20-ти Март од претседателката на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, м-р Јулијана Мирчевска.