Изложбата „Монохроматска меланхолија“ на Ивона Кочов од четврток во Офицерски

На 21-ви март (четврток) во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложбата на фотографии на Ивона Кочов, насловена „Монохроматска меланхолија” во Културен и информативен центар – Офицерски дом, Битола. Се работи за селекција на најдобрите уметнички фотографии од долгогодишната работа на Ивона Кочов.

Ивона Кочов е родена 1975 година, во Битола. За фотографијата се заинтересирала уште од најраното детство кога често ја посетувала импровизираната лабораторија на нејзиниот татко и стрико, кои ентузијастички се занимавале со развивање филмови и правење фотографии. На почетокот од 90-тите години почнува да фотографира со обичен аналоген фотоапарат кога и се запознава со Атанас Нашоку Саку, признат битолски и македонски фотограф од постарата генерација, кој пријатно изненаден од нејзината желба за фотографирање, ѝ подарува фотоапарат „Зенит“. По неколку години интензивно фотографирање, поради недостиг на средства за развивање на филмовите како и обврските кон факултетот, настапува период на децениска стагнација. Со појавата на дигиталната технологија се враќа и нејзиниот интерес кон фотографијата најпрво преку најобичен компактен фотоапарат (2009 г.), а потоа и со купување на DSLR „Никон“ фотоапарат (2013 г.) започнува со малку посериозен пристап кон уметничката фотографија. Тоа резултира со зачленување во Фото-кино клуб „Битола“ и со многу поинтензивна работа која наредните години ќе ѝ донесе забележителни резултати. Кочов е добитник на голем број на награди, од кои се издвојуваат: Бронзен медал за фотографија на изложбата „Улица“ (2015 г.); Бронзен медал на манифестацијата „Денови на македонската фотографија“ (2015 г.) за поединечна фотографија и за колекција; Прва награда на изложбата „Со љубов од Битола“ (2015 г.); IAAP сребрен медал на меѓународниот натпревар „View Point“ (2015 г.); Бронзен медал на меѓународниот натпревар „Photo Story“ (2016 г); IAAP диплома и НФУМ диплома на меѓународниот натпревар „Play“ (2016 г.); Диплома за поединечна фотографија на „Денови на македонска фотографија“ (2017 г.) и др.