Во Њујорк промоција на книгата „Партиципациска уметност“ од Сузана Милевска

Во Њујорк утре ќе биде промовирана книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од македонската теоретичарка Сузана Милевска. Книгата е во издание на ЗГ Контрапункт – Скопје во едицијата „Пунктум“ што е дел од платформата КРИК-фестивал за критичка култура.

На промоцијата  во галеријата МС во Њујорк за книгата на Сузана Милевска, воведно излагање ќе има Искра Гешоска, културен теоретичар и издавач, а ќе се одржи и  разговор меѓу авторката на книгата и Живка Ваљавичарска, вонреден професор на Прат Институтот во Њујорк. Потоа  ќе следува и одговор од страна на Тијана Ана Спасовска, историчар на уметноста. Промоцијата ќе заврши со со отворена сесија за прашања и одговори што ќе ја модерира Артан Садику, теоретичар на културата и политиката, информираат од платформата КРИК-фестивал за критичка култура.

Сузана Милевска (1961, Битола) е теоретичарка и кураторка на визуелна уметност и култура од Македонија. Нејзините теоретски и кураторски интереси ги покриваат постколонијалната критика на хегемонистичките режими на моќта на претставување, феминистичката уметност и родовата теорија, партиципативните и колаборативни уметнички практики. Докторските студии по визуелна култура ги завршува на колеџот Голдсмитс во Лондон. Во 2004 година, Милевска станува Виша Фулбрајт стипендистка и истражувачка во Конгресната библиотека. Во 2010 година Милевска ја издава книгата „Родови разлики на Балканот“ и ја уредува The Renaming Machine: The Book. Во 2011 година станува истражувачка во проектот Call the Witness – Roma Pavilion на 54 Меѓународна уметничка изложба – Венециското Биенале – колатерален настан и ги курира изложбите „Call the Witness“, „БАК“, „Утрехт“ и Ромскиот протокoл во австрискиот Парламент. Во 2012 година Милевска ја добива Наградата „Алис“ за политичко кураторство и Наградата за култура и теорија „Игор Забел“. Од 2010-2012 година е професорка по историја на уметност и теорија на уметности на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, додека во 2013 година предава визуелна култура и род на Институтот за родови студии во Скопје. Од 2013-2015 е професорка по Средноевропска и јужноевропска историја на уметност на Академијата за ликовни уметности во Виена. Од 2016 година таа е главна истражувачка во Horizon 2020, на проектот TRACES, Politecnico di Milano.