„Хамлет – денот на убиствата“ – нова премиера на НТБ

На денешната прес-конференција во малата сала на Центарот за култура-Битола беше најавена новата премиера на НУ Народен театар Битола, „Хамлет – денот на убиствата“, втора по ред оваа година. Претставата е во режија на Марјан Неќак, работена според пиесата на Бернар-Мари Колтес.

Играат:

Никола Стефанов – Хамлет

Викторија Степановска Јанкуловска – Офелија

Валентина Грамосли – Гертруда

Иван Јерчиќ – Клаудиј    

Оливера Павловиќ-драматург, Валентин Светозарев-сценограф, Андреј Ѓоргиевски-костимограф, Сашо Илковски-дизајнер на видео, Марјан Неќак и Сашо Илковски-автори на плакатот, Игор Радичоски-консултант за билијард, Мирјана Христовска-суфлер

Директорот Иван Јерчиќ накратко ги сподели со нас овогодинешните планови на театарот и чувствата за новата претстава:

„Од понеделник стартуваме со пробите на новата претстава „На дното“ по текст на Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани. До крајот на годината освен фестивалот „Шекспир“ планираме уште две претстави, „Повторно обединување на двете Кореи“ од Жоел Померат во режија на Јуш Зидар и „Хенри IV“ од Луиџи Пирандело, во режија на Никита Миливојевиќ. Нѐ очекува интересна сезона и сигурен сум дека со овие претстави ќе бидеме конкурентни за највисоките уметнички достизи во македонскиот театар. Почнувајки од крајот на март, скоро секој месец нашиот театар ќе гостува во друга земја. Гостуваме во Кралскиот театар во Цетиње, Црна Гора, со „Бакхи-краток преглед на распадот“ во Нови Сад итн. Би сакал да се заблагодарам за довербата на режисерот. Оваа претстава ја работев со огромно задоволство. Се надевам дека битолската публика ќе ја „бендиса“ претставата и ќе го препознае она што е надвор од професионалните односи. Направивме еден наш Хамлет кој кореспондира со денешницата. Нели, тоа е и основната идеја на театарот, да ја претставува сегашноста. Без тоа тој би бил мртво слово на хартија. Минатата премиера најавивме два големи јубилеи, на Петар Горко и Никола Пројчевски. Оваа прилика ја користам да го најавам Никола Стефанов. Една исклучителна млада актерска ѕвезда која до сега ја чекаше својата шанса и сум сигурен дека македонската театарска јавност допрва ќе слуша за него.“

Подоцна, актерите ги споделија своите мислења и доживувања на улогите.

Валентина Грамосли: „Станува збор за текст во кој четири ликови играат една иста драма, во еден ист ограничен простор кој го сметаат за бескраен. Тие ликови се една голема провокација. Тие се залудени од својата големина и го носат бремето на она што тие значат во театарската историја. Го живеат животот полнокрвно и повторувајќи ја таа драма до бесконечност. Мојот лик, ликот на Гертруда, ликот на мајката на Хамлет во оваа претстава мислам дека, во најмала мера е мајка. Гертруда е една жена која е опседната со мислата за вечна кралица. Таа мисла ја води во животот. Таа е една жена која е фатална за сите мажи околу неа, вклучувајќи го и нејзиниот син Хамлет. Секогаш се двоуми меѓу доброто и злото, но во принцип го користи злото. Попатно се појавува мајката во неа. Ги пали огновите во кои подоцна самата гори. Многу сум среќна што имавме можност да работиме многу длабоко, дополнувајќи се со екипата. Процесот беше многу креативен.“

Никола Стефанов: „Сакам да кажам дека сонот ми стана реалност. Кога студирав се прашував кога ќе го играм ова, и ете дојде денот. За мене ова беше голем провокативен предизвик. Постојано, во главата ми се врти реченицата: „Ова време од зглобови бега, како во нив да го вратам сега?“ и секој ден поминат на проба беше проследен со многу неспиење, размислување и поддршка од колегите. Би сакал да се заблагодарам на колегите за мотивот за работа. Се надевам дека направивме добра претстава.“

Викторија Степановска Јанкуловска: „Сега јас треба да бидам нескромна и да кажам дека знам дека направивме одлична претстава. Јас навистина така се чувствувам. А, и колегите кои ја погледнаа имаа само позитивни зборови и конструктивни коментари. Имавме еден процес во кој со цел материјал и со сите односи бевме на „ти“, што е многу ретко во театарот. Имавме и време и мотив да работиме и до филигранство да ги изработиме ликовите. Не ми е прв  пат да ја играм Офелија. Меѓутоа сега ми се отворија нови перспективи во однос на тој лик. Што знали Офелија? Како една жена би завршила онака како што завршува, заради љубовта кон еден човек? Сега разбирам дека таа е олицетворение на самотијата. Жена која е комплетно сама и не може да се вклопи во пајаковата мрежа која ѝ ја плетат околу неа. Ве поканувам да ја погледнете претставата и да уживате затоа што ова е претстава во која можете да уживате во секој дел од неа.“

Премиерата е закажана на 01.03.2024 во 20.00ч. , а првата реприза е следниот ден, на 02.03.2024 година. Претставата е од камерен вид и ќе се игра на големата сцена „Благој Стефановски“ во Битолскиот театар.

Останат е мал број на влезници, а истите можат да се набават од веб-страницата на НУ Народен театар Битола, на следниот линк:

https://narodenteatarbitola.com