По шести пат се реализира проектот – Засекогаш во срцата – концерт во чест на великаните на македoнската музика

     Крајот на минатата недела го одбележаа двата концерти насловени „Засекогаш во срцата“ кои годинава се реализираа во чест на Тоше Проески, Кире Костов и Драган Каранфиловски – Бојс.

         Центарот за култура – Битола во соработка со Камерниот оркестар на Битола по иницијатива на директорката Маја Андоновска Илијевски, по шести пат го реализираат овој проект поддржан од министерството за култура, кој ги зачувува од незаборав делата на македонските великани.

“Во 2019 година кога мојата иницијатива да направиме концерт во чест на Тоше Проески, ја споделив со Владимир Димовски, не ни помислувавме дека ќе стане традиционален настан за кој ќе се бара карта повеќе.“

     Таа ја искористи оваа прилика да и се заблагодари на битолската публика која веќе шест години со голем интерес го поддржува овој настан и ја исполнува салата до последното место.
     Андоновска Илијевски не потсети и на уште еден важен датум. Имено, на 17 февруари, денот после концертот, во 1947 година е основано основното музичко училиште во Битола во кое се развиле голем дел од музичарите во Македонија, меѓу кои и Костов и Проески.

“Оваа вечер опасно ќе се заљубиме, додека шушка молика и дуваат јужни ветрови. Оваа вечер на Валерија ќе ѝ кажеме дека кога ја нема, најприсутна е тогаш. Оваа вечер ќе испратиме порака до небото, до Тоше, до чичко Кире Костов, до Бојс, дека песните им живеат и дека вечно им сме благодарни за нивното творештво.” – рече Маја Андоновска Илијевски во своето обраќање по повод првиот официјален настан од годишната програма на НУ Центар за култура Битола

     „Морска ѕвездо“ , „Тајно моја“ , „Полско цвеќе“ , бесвременските евергрини „Галебе мој тажен“ , „Опасно сум вљубен во тебе“ , „Остала си увек иста“ и „Валерија“ се само дел од композициите кои беа изведени во оркестарски аранжман, а изведувачите Наде Талевска, Александра Трајческа, Ана Петановска, Катерина Јовановиќ, Ристо Самарџиев, Димитар Андоновски и Бојан Стојков го доловија секој момент на нежност и љубов низ хитовите на големите великани.

     Оваа година специјален гостин на концертот беше српската пејачка Гоца Тржан, која заедно со Ристо Самарџиев нѝ го претстави нејзиниот дует со Тоше, „1200 милји“. А, потоа ја отпеја и најпознатата српска балада на Тоше, „Чија си“.     Енормната емоција допре до публиката и не ја остави рамнодушна, што ја потврдува важноста и успешноста на овој проект. Секој стих, секој испеан рефрен од таа вечер ќе остане вечно запомнет. Со радост ја очекуваме следната соработка на НУ Камерен оркестар на Битола и НУ Центар за кутлура – Битола     

     Овој настан е финансиски поддржан од министерството за култура и општина Битола додека ⋮IWConnect, се погрижија Центарот за култура да има своја страна за онлајн купување на билети. Тоа ќе го олесни купувањето на билети и за публиката која редовно доаѓа од другите градови.

     Билети преку интернет во иднина ќе може да се купуваат преку следниов линк: www.3dkinobitola.com

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски